По долгоочекуваните законски измени, дигиталната номадска виза се споменува во изборните програми на водечките партии

Законските измени на Законот за странци за официјализирање на статусот дигитален номад кои не беа донесени речиси три години, сега се вметнати во изборните програми на водечките политички партии.

Статусот на дигитален номад беше предвиден со измените на Законот за странци во октомври 2021 година. Но, измените досега не го најдоа својот пат до Собранието

Со овие измени, дигиталните номади – странски државјани – може да добијат привремен престој во Македонија. Со тоа ќе им се овозможи да останат во државава најмногу една година, со можност да се продолжи нивниот престој. Дополнително, дигиталниот номад ќе биде во можност да го донесе и своето семејство, односно привремен престој ќе им биде одобрен и на членовите на неговото семејство.

Условите за добивање на ваквата дозвола се: странскиот државјанин да е државјанин на некоја од земјите во Европската Унија или членките на ОЕЦД, да има месечен приход од најмалку 1.500 евра во денарска противвредност во последните шест месеци по барањето на ваквата дозвола, да има статус на вработен најмалку една година, да има задолжително социјално осигурување и потврда за работен однос од странскиот работодавач.

Иако досега владееше општ молк за овие измени, некои од политичките партии го споменуваат терминот „дигитален номад“  во своите предизборни кампањи во пресрет на парламентарните избори кои ќе се одржат на 8 мај.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ во програмата предвидува обновлива виза за дигиталните номади, односно за странците кои би сакале да поминат меѓу 3 и 12 месеци во Македонија.

Условот е тие да имаат можност за работа на далечина кај странски работодавач и редовни месечни примања.

Се вели дека оваа мерка ќе привлече млади професионалци да ја изберат Македонија за свој дом одредено време што ќе ѝ помогне на локалната економија да расте и ќе ја зголеми видливоста на земјата на меѓународно ниво.

Од партијата исто така најавија дека новата влада, доколку тие дојдат на власт, ќе креира портал за промоција на можностите кои ги нуди престојот во Македонија и сите потребни информации за дигиталните номади.

Во меѓувреме, изборната програма на владејачката СДСМ исто така ја нотира можноста за посебен повеќемесечен престој со воведување на таканаречената „дигитална номадска виза“.

„Северна Македонија е земја со неверојатна клима, богато културно и духовно наследство и пристојни цени, што ја прави одлична дестинација за привлекување дигитални номади. Ние имаме одлични услови за работа на далечина на целата територија на нашата земја. Високо распространетата 4G и 5G мрежа им овозможува на дигиталните номади квалитетно и навремено да ги извршуваат своите дигитални и ИТ задачи од нашите туристички центри“, се вели во програмата.

Ваквата мерка, како што велат тие, ќе ја зајакне локалната економија и ќе создаде прилив на туризам во текот на годината.

*Статијата е оригинално објавена на платформата Skopje.In.