Масакр во САД: Таткото ги убил сопругата и трите сина па се самоубил, а го поштедил најмалиот син

by Fokus

Маж од Оклахома ги убил сопругата и тројца од четирите сина, пред да се самоубие, соопшти полицијата.

Според информациите, Џонатан Кенди (42) ги убил сопругата Линдзи (39) и синовите Дилан (18), Итан (14) и Лукас (12).

Полицијата ги пронашла петтемина мртви во понеделникот наутро, откако четвртиот син, кој има 10 години, повикал полиција да го пријави пукањето, изјави полицаецот Гери Најт.

„За нас останува мистерија што го натерало Џонатан да ги убие сопругата и трите сина. Не знаеме зошто четвртиот син бил поштеден или кој бил мотивот за убиствата“, додал Најт, пренесува Дејли Меил.

Најмладиот син кој го преживеал масакрот бил сместен кај роднини. Полицијата немала претходен контакт со семејството и никогаш досега не била повикана во нивниот дом.

Според медиумите, најмладиот син бил во куќата во моментот на масакрот, но бил неповреден. Тој наводно се разбудил во понеделникот наутро и открил што се случило со неговото семејство. Потоа самиот повикал полиција.

Најт рече дека иследниците веруваат дека пукањето започнало по расправија меѓу родителите во неделата навечер или рано наутро во понеделникот.

„Истражителите утврдиле дека некаде во текот на ноќта, Џонатан и неговата сопруга Линдзи се скарале. Во еден момент се вооружил со пиштол, ја застрелал повеќе пати и ја убил. Во тој момент систематски минувал низ куќата, пукајќи и убивајќи ги нивните деца“, рече Најт и злосторството го нарече масакр.

Телата на жртвите се пронајдени во различни делови од куќата. Полицијата соопшти дека пронашла две тела на катот и две на приземјето. Едно од момчињата наводно било застрелано во кревет.

Соседот Брајан Греам за медиумите изјави дека никој не очекувал ваков масакр.

„Тие беа големо семејство, ни беа добри пријатели, често се дружевме“, рече тој.

Истрагата продолжува.

Поврзани новости