Дали СДСМ плаќа странски консултант од тендерите кои што ги доби во РЕК Битола белорускиот конзул?

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изјави дека причината за ангажманот на Венко Филипче во 4-тата изборна единица е потенцијална лидерска битка во СДСМ по изборите и кој да го преземе раководството во СДСМ. Николоски го повика Филипче да даде одговори на многу прашања во јавноста како за набавката на вакцини, модуларната болница во Тетово, случајот Онкологија и други.

На прес-конференцијата во ВМРО-ДПМНЕ, Николоски повторно побара релевантни и кредибилни одговори во однос на улогата на спорни странски консултанти во кампањата на Стево Пендаровски на СДСМ.

– Целата мината недела поставував прашања за улогата на Асаф Еисин во кампањата на Стево Пендаровски и на СДСМ. Добивме многу конфузни одговори. Од една страна, Стево Пендаровски кажа дека се среќавал со него, но рече дека бил консултант не негов, туку на СДСМ. Од друга страна, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кажа дека немаат таков консултант, но намерно и ненамерно можеби направи грешка кога кажа дека две други девојки работеле за него во кампањата. За нив ние имаме сознанија дека се сместени во канцеларија која што се наоѓа во хотел на кејот на Вардар, во деловниот простор и токму тие се локалната поддршка на Асаф Еисин – рече Николоски

Се работи за лица кои што се вработени во ПР агенција која што има седиште за регионот во Белград, а тие се дојдени тука за да му помагаат токму на ова лице. Не е тајна дека Асаф Еисин помеѓу другото е и советник или ПР експерт и на видни лица од политиката на нашиот северен сосед, рече Никиолоски и додаде:

– Во таа насока, не добивме одговори зошто не е објавен договорот кој што СДСМ го склучила со Асаф Еисин и зошто истиот не е евидентиран, како и тоа дека доколку склучиле договор за работа за на изборите, се работи за тешко кривично дело, имајќи предвид дека изборните сметки сеуште не се отворени и во моментот на почеток на ангажман не ни можеле да бидат отворени, затоа што формално процедурата за номинирање на кандидати, нити за претседател, нити за пратеници не беше завршено.

До ВМРО-ДПМНЕ стигаат кредибилни информации дека ова лице е плаќано на рака, односно во кеш, од средства кои што се сомнително прибавени од страна на политичката партија СДСМ, најчесто од тендерите во РЕК Битола.

– Па, сакаме да прашаме, дали можеби странскиот консултант е платен од тендерите кои што ги доби во РЕК Битола белорускиот конзул? И дали е ова начинот на кој што е исплаќан овој странски консултант? И дали контролата се прави преку лицата кои што се сместени во деловни простории на еден хотел на кејот на Вардар, да бидам попрецизен позади Градскиот стадион?

Освен лични навреди кон Никиолоски и кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, ништо друго како релевантен одговор не добивме, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и ги повика надлежните институции коишто се поврзани со мониторинг на изборите и со следење на трошење на средства на изборите посериозно да се позанимаваат со овој случај.