Нови 17 пријави од стари и изнемоштени лица за гласање на изборите, рокот е до утре на полноќ

Нови 17 пријави од стари и изнемоштени лица за гласање во домашни услови пристигнале во ОИК Штип. За вториот круг претседателски, а воедно и парламентарни избори на 8 мај ќе важат пријавите и од првиот круг избори, вели претседателот на ОИК Штип, Виктор Вацев. Додава дека 158 стари и изнемоштени лица ќе гласаат ден претходно односно на 7 мај во домашни услови. Новопристигнатите пријави ќе се разгледуваат по истекот на рокот за пријавување кој е до 30 април оваа година, односно до утре на полноќ.

„Во тек е пријавување на лица кои сакаат да го остварат своето право на глас како болни и немоќни лица, на денот пред изборите, во домашни услови. Лицата кои имаат поднесено пријава за претседателски избори, тие пријави важат од првиот круг. Од тогаш беа вкупно 161 пријава, а 158 беа одобрени од ОИК и тие важат се уште. Имаме уште 17 пријави кои дополнително ќе се разгледуваат. А, крајниот рок за пријавувањето е 30 април 2024 година.“ – вели Вацев.

Старите и изнемоштени лица може да се пријават со целосна документација во просториите на ОИК Штип кои се наоѓаат во општинската зграда, а може да се пријават и на службениот меил на ОИК.

„Болните и изнемоштени лица може да се пријават со целосна документација во просториите на ОИК Штип. Тоа може да се направи и на службениот меил на ОИК.“ – додава Вацев.

Во меѓувреме викендов се очекува да пристигне и доверливиот материјал, кои согласно Законот треба да пристигне 72 часа пред одржувањето на изборите.

„Доверливиот метријал се очекува да пристигне согласно Законот 72 часа пред одржување на изборите. Значи сабота, недела оваа недела се очекува да пристигне доверливиот материјал.“ – вели Вацев.

Претседателските и парламентарни избори ќе се одржат на 8 мај, а болните и изнемоштени лица, како и затворениците гласаат ден претходно односно на 7 мај.

Лаура Стојанова М-Нет