ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Реакции за резолуцијата за Сребреница каде Македонија е ко-спонзор

Реакции за резолуцијата за Сребреница каде Македонија е ко-спонзор

Низа реакции дома и во регионот предизвика одлуката на властите Македонија да ја ко-спонзорира Резолуцијата против геноцидот во Сребреница во Обединетите Нации. Зад текстот на Резолуцијата застанаа и САД, Германија, Албанија, Словенија, Турција и други. Со неа се бара 11-ти јули да стане Меѓународен ден за сеќавање на геноцидот. Откако МНР ја соопшти одлуката, вчера бурно реагираше претседателот на Српската демократска партија во земјава, Иван Стоилковиќ. Тој прстот го впери кон шефот на дипломатијата Бујар Османи. Според него, со оваа резолуција се оди против волјата на македонскиот народ. Тој не ги штедеше зборовите против одлуката. Но, спротивно од ова, од Бошњачкиот демократски сојуз, кој стапи во коалиција со ДУИ, побараа ВМРО-ДПМНЕ да го осуди, како што велат, говорот на омраза на нивниот коалициски партнер Стоилковиќ.

„Геноцидот во Сребреница го нарече „некрофилски Дизниленд“. Ова е е само уште еден доказ дека живеат во мрачни времиња оние кои сакаат да го претставуваат народот“, рече Адмир Ујкановиќ – Бошњачки демократски сојуз.

Вчеравечер, српските политичари бурно реагираа на одлуката на официјално Скопје. Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ истакна дека потегот на Македонија е дрзок и циничен. Поранешниот српски министер за одбрана, Александар Вулин, кој во меѓувреме заврши на т.н. американска црна листа, нагласи дека, како што рече, Северномакедонците знаат дека нивниот глас не значи ништо, дури ни кога станува збор за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па затоа можеле барем да се воздржат доколку не можат да ја поддржат Србија.

Во меѓувреме, првиот човек на Република Српска, Милорад Додик, во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ, денеска кажа дека босанските Срби сега почнале сериозно да размислуваат дали да продолжат да живеат со босанските муслимани.

„Геноцид се нема случено. Да се случил, немаше постојано да ја притискаат таа приказна. Тие си ја перат својата совест“, изјави Милорад Додик – претседател на Република Српска.

„Ова е тема што длабоко ги дели народите на Балканот и оваа земја во која се наоѓаме. Не можам да разберам што некој однадвор ова намерно го прави со цел да предизвика дополнителни конфликти. Не можам да разберам што е тоа што го сакаат Американците, Германците и сите останати…“, нагласи Александар Вучиќ – претседател на Србија.

Резолуцијата ќе биде презентирана во Обединетите нации задутре, а гласањето е закажано за втори мај./Алсат.мк

Лука Андрев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button