ПОЛИЦИЈАТА ГИ ВИКА НАПАДНАТИТЕ ДЕЦА ДА СЕ СООЧАТ ЛИЧНО СО НАСИЛНИЦИТЕ И ГИ ИЗЛОЖУВА НА НОВА ТРАУМА, ИАКО ИМА И ДРУГИ МЕТОДИ ЗА ПРЕПОЗНАВАЊЕ

    ПОЛИЦИЈАТА ГИ ВИКА НАПАДНАТИТЕ ДЕЦА ДА СЕ СООЧАТ ЛИЧНО СО НАСИЛНИЦИТЕ И ГИ ИЗЛОЖУВА НА НОВА ТРАУМА, ИАКО ИМА И ДРУГИ МЕТОДИ ЗА ПРЕПОЗНАВАЊЕВо дворот на училиштето „Гоце Делчев“ во Центар во Скопје, на само 20-тина метри од полициската станица „Беко“, малолетничка банда 4 пати напаѓаше ученици кои во попладневните и во вечерните часови доаѓаа во училишниот двор на дружба. (Фото: СДК.МК)

    Полицијата кога апси малолетници и деца осомничени за кривични дела насилства, разбојништва, напад и ограбување, ги повикува жртвите на директно соочување со тие што ги натепале и ограбиле, а не на препознавање преку темно стакло.

    Проблемот е кога жртвите се малолетни лица или деца, како што е во неодамнешните случаи кога улични банди напаѓаа и малтретираа деца во скопската општина Центар. Речиси и да нема родители кои би го пуштиле своето дете по вторпат да се изложува на претрпената траума, или да го стави на тацна за да му се одмаздат во иднина зашто покажало, потврдило лице во лице со насилникот: „да, овој ме нападна, ме избоде, ме ограби“.

    Поради ова, голем дел од родителите се повлекуваат, истрагите им пропаѓаат, бандите малолетници се на слобода.

    На 22 април поставивме прашање до МВР како орган на откривање – зошто полицијата ги изложува децата – жртви уште еднаш на стрес и траума, соочувајќи ги со насилниците, во иста просторија? До објавување на текстот не добивме одговор.

    Кон крајот на јануари 19-годишно момче од Скопје беше нападнато и ограбено од помали деца кај „Школка“ во Градскиот парк. Родителите веднаш го пријавиле случајот во полиција, вечерта таткото потпишал записник.

    По еден месец, им се јавила полициска инспекторка дека го фатиле малолетниот насилник, ги поканила родителите да го донесат детето на соочување во иста просторија со него.

    „Кога прашавме зошто не применат процедура со препознавање преку темно стакло, со која мојот син нема да биде виден од сторителот, ни одговорија дека морало со соочување, бидејќи напаѓачот бил малолетно лице. Ни рекоа не можело со препознавање со смотра. Одбивме, нормално. Син ми и утре треба да оди во Градскиот парк. Зарем да трпи последици? Да му се одмаздат зашто сведочел лице в лице? Зошто всушност полицијата ги изложува повторно жртвите на траума?“, прашува Наташа К. , мајка на ограбеното дете.

    Таа вели дека нормално, случајот пропаднал, зашто одбиле да го однесат детето на соочување, како што верува би постапиле мнозинството родители.

    Наташа К. на 9 април за ова поднесе претставка пред Народниот правобранител. Таа го оспорува начинот на работа на полицијата при утврдување на идентитетот на малолетен сторител, бидејќи Правилникот во МВР, како и во Обвинителството, е тоа да се врши со препознавање со смотра и со другите методи, и само во исклучителни ситуации со соочување жртва – сторител.

    Според обвинителите со кои разговаравме, полицијата по линија на помал отпор го применува овој метод зашто не може да најде деца и малолетници кои за препознавање со смотра треба да бидат статисти. На пример, кога се открива ваков сторител, треба за препознавање во хоризонтална линија во т.н. смотра, да се најдат уште 4-5 деца на негов раст и приближно сличен надворешен изглед.

    Порано полицијата за статисти повикувала деца од домовите за деца без родители, а сега најлесно им е со соочување, кое што треба да се применува само во краен случај.

    Правилникот за начинот на препознавање на осомничено лице е донесен во 2013 година и тој, за жал, не е сменет.

    Во членот 6 како методи на препознавање се наведени следниве: со смотра, со групна идентификација, со видеофилм и со соочување.

    Во правилникот доминантно место има смотрата (препознавање преку темно стакло), пропишани се детали дури и како да одат статистите.

    Дури на крајот сосема кусо има за методот со соочување и тоа е пропишано на следниот начин, во член 26:

    „Методот на препознавање со соочување се спроведува во случај кога не може да се примени друг метод на препознавање. Препознавањето со соочување се спроведува на начин што на сведокот му се покажува само осомниченото лице во врска со конкретното кривично дело. Пред да се пристапи кон препознавање со соочување, сведокот се известува дека ќе му биде покажано само едно лице и дека во присуство на тоа лице треба да каже дали е осомниченото лице“.

    Банда со 12-тина малолетници и деца, најверојатно составена и координирана од полнолетни лица во позадина, со месеци напаѓа и ограбува врсници, но и полнолетни лица низ Скопје. Родители и нападнати граѓани пријавуваа, но чудно беше што подолго време овие малолетни насилници, кои со себе имаа и т.н. ладно оружје, не беа фатени од полицијата.

    Во дворот на училиштето „Гоце Делчев“ во Центар во Скопје, на само 20-тина метри од полициската станица „Беко“, оваа банда 4 пати напаѓаше, бркаше, малтретираше врсници, ученици кои во попладневните и во вечерните часови доаѓаа во училишниот двор на дружба.

    Полицијата не ги фати додека упаѓаа во училишниот двор, туку по видео-снимките од безбедносните камери во Градскиот трговски центар, по пријава од две полнолетни минувачки дека биле нападнати и ограбени од деца. Меѓу приведените бил и малолетникот со ножот и боксирачот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира