Откако беше приведен па пуштен на слобода во Хрватска, на екс разознавачот и началник на петтата управа, Горан Грујевски, хрватските власти му го одзеле пасошот. Според информациите на Сител, тој не смее да ја напушти Хрватска, иако беше ослободен од хрватските власти поради тоа што има азил во Грција.

Дополнително, од Хрватска ќе бараат документација да им биде доставена од нашето министерство за правда, за што се бара Грујевски со меѓународна потерница.

Од правда велат дека сите информации и документи што ќе бидат побарани од хрватските колеги ќе им бидат доставени.

За тоа зошто досега не била побарана екстрадиција за Грујевски, велат дека немало никаков допис од Хрватска до сега за екс началникот на петтата управа.

За Грујевски, како и за било кој друг кој е предмет на меѓународна потерница се бара екстрадиција по добиена информација по службен пат од тамошните државни власти, односно хрватските институции.

Официјално од Хрватска, немаме никаков допис за ова лице. Единствено известување имаше од МВР кое исто така даде и дополнителни информации поврзани со ова име.

Грујевски баран со меѓународна потерница беше уапсен во саботата во Загреб, но хрватските власти експресно го ослободија откако покажал документација дека има азил во Грција.

Поранешниот разузнавач заедно со неговиот колега Никола Бошковски во 2017 година избегаа во соседна Грција. На двајцата им се судеше во отсуство во случајот Таргет-тврдина за нелегалното прислушкување за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Но со измените на Кривичниот законик, делото застаре, а сега на обвинетите им се суди само за уништување на опремата за прислушкување.