ШУМАРИ ОД САД ГИ ОБУЧУВААТ ВРАБОТЕНИТЕ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ШАР ПЛАНИНА“ ЗА ГАСЕЊЕ ШУМСКИ ПОЖАРИ

    ШУМАРИ ОД САД ГИ ОБУЧУВААТ ВРАБОТЕНИТЕ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ШАР ПЛАНИНА“ ЗА ГАСЕЊЕ ШУМСКИ ПОЖАРИНа обуката учествуваа и претставници на ЦУК, ДЗС и против пожарната територијална единица од Гостивар. (Фото: СДК.МК)

    Експерти од Шумската служба на САД неколку дена ги обучуваат ренџерите од Националниот парк „Шар Планина“ и претставниците од Центарот за управување и кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како да се справуваат со шумски пожари. Се работи на утврдување протоколи и воспоставување системи и изработка на планови како поефикасно да се справува со пожарите кои сè позачестено избиваат во националниот парк.

    „Шумарската служба на САД има повеќе од 100-годишно искуство во справување со шумски пожари и на Шар Планина се веќе една недела. Група нивни експерти ни помага да воспоставиме систем на ефикасно справување со пожари на територијата на паркот преку подготовка на план за справување со пожари и интензивна теоретска и практична обука за сите вработени. Обуката се однесува на протоколарно постапување при инциденти, до планирање и тактики за справување со пожари на отворено, комуникација, употреба на алати, следење на временска прогноза како и за подобрување на безбедноста при работата. На обуката учествуваа и претставници на ЦУК, ДЗС и против пожарната територијална единица од Гостивар како и неколку локални волонтери со цел да се зајакне меѓу институционалниот пристап при справување со вакви катастрофи“, изјави директорот на Националниот парк Ибраим Дехари.

    Со помош на неколку различни донатори Националниот парк ги зајакнува своите технички можности за справување со пожарите. Со донација од ОБСЕ добиени се пумпа и десет противпожарни комплети облека, рачен алат и една грбна дувалка. Ваквата опрема е неопходна бидејќи во последниов период, поради неповолните временски услови пропратени со високи температури, но и поради човечкото невнимание, на Шар Планина избувнаа повеќе големи шумски пожари.

    „Во еден месец изгубивме во пожари повеќе од 400 хектари шумска површина. Најмногу штета е направено во последните два големи пожари од кои со пожарот над село Селце се справувавме дури шест дена. Вакви настани на Шар Планина до сега не се регистрирани“, посочува Дехари.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира