На 29 април 1964 година, во предвечерјето на празникот 1 Мај, излезе првиот број на „Битолски весник“. По повеќе неуспешни обиди да се издаде градски весник, група ентузијасти предводени од првиот главен и одговорен уредник на весникот Владо Ласковски го издадоа првиот број на „Битолски весник“. Во изминатите 60 години весникот се афирмирал и како организатор на значајни манифестации. Веќе 24 години успешно ја организира манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани“, 19 години ја доделува наградата за новинарство „Тоде Петревски“, а организира и голем број хуманитарни акции. „Битолски весник“ е добитник на многу признанија и дипломи, меѓу кои и на највисокото признание на Битола, наградата „4 Ноември“.
На свечена академија викендов им беа врачени златни плакети на заслужни поединци, установи и институции што дале значаен придонес во опстојувањето на „Битолски весник“.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствуваше на културната манифестација во Офицерскиот дом во Битола, организирана по повод 60-годишното постоење на локалниот „Битолски весник“. Со честитката за јубилејот и желбата за ново децениско опстојување, таа истакна дека годишнината е шанса да се нагласат важноста на слободата на медиумите и нивниот придонес во развој на културата.
-„Битолскиот весник“ како пиреј 60 години опстојува простум во медиумскиот етер. Ги паметам изданијата од мојата младост и горда сум на истрајноста и активноста на весникот, со кои се вбројува во релевантен и уникатен презентер на градската колективна меморија. Весникот во континуитет е организатор на културни и хуманитарни настани, со што го потврдува својот придонес во позитивните промени во културата – истакна Костадиновска-Стојчевска.
Низ изложбата со весниците од изминатите шест децении јавноста се присети на архивата и бројноста на изданијата низ кои се потенцирани приказните за животот на човекот. Многу од нив придонеле и за промоција на културните вредности. Од 1964 година до денес „Битолски весник“ придонесува за развој на плурализмот и слободата на говорот, што го прави важен фактор во демократските процеси.