За жал, одбележувањето на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев не допринесе за надградување на меѓудржавните односи помеѓу Софија и Скопје, вели во својата реакција бугарското Министерство за надворешни работи, откако стотина бугарски граѓани не успеаа да влезат во Македонија поради технички проблеми на граничните премини.

„Со длабоко жалење констатираме дека 4 февруари 2023 година ќе влезе во историјата како датумот на кој властите во … Македонија, од крајно неубедливи причини и во спротивност со претходно дадените уверувања, не им дозволија на бугарските граѓани да оддадат почит на ликот и делото на Гоце Делчев. Министерството за надворешни работи денешното однесување кон бугарскиот народ и Република Бугарија на властите во … Македонија го оценува како понижувачко и недозволиво“, пишува во реакцијата на бугарското МНР.

Според бугарското МНР, ова заедно со неподготвеноста од македонската страна, двете делегации заеднички да положат венци, претставува отстапување од воспоставените добри практики и ги поткопува напорите на Република Бугарија насочени кон зајакнување на добрососедството.

“За воспоставување добрососедски односи потребни се најмалку двајца искрени партнери. Сè потешко е да се препознае во однесувањето на властите во Скопје вистинска желба да се изгради потребната доверба, пријателство и соработка, заклучува бугарското МНР во својата реакција.“

Во врска со приведените бугарски граѓани, бугарското МНР соопштува дека побарале од македонските власти итно да им достават информации, и покрај тоа што тоа требало да биде направено веднаш по нивното приведување. Додаваат дека очекуваат да бидат судени по забрзана процедура.