Како што важи за Македонија, така и за ЕУ важи дека изворните демократски принципи се тие што го трансформираат општеството кон сеопштата благосостојба / Фото: ЕПА

Со сите предизвици што ѝ се поставуваат на Македонија на нејзиниот европски пат, македонските граѓани на првиот дел од изборите за претседател на државата покажаа дека имаат демократски капацитет сосема еднаков, односно идентичен и на исто ниво со стандардите на ЕУ. Својот став го искажаа достоинствено, масовно и без инциденти, докажувајќи дека вредностите кон кои тежнеат се оние демократските (т.н. европски), од кои се чини самата ЕУ се оддалечува или ги применува селективно. Затоа не смее на македонскиот народ да му се наметнува „вина“…

Македонија поблиску до ЕУ кога ЕУ е блиску до своите изворни принципи

Одзивот на првиот круг за претседателските избори во Македонија и начинот на кој помина изборниот процес покажаа дека македонските граѓани подготвено демонстрираа квалитет на практикување на универзалните демократски вредности (некој ги нарекува со атрибутот „европски вредности“), кога станува збор за демократското изјаснување и користење на алатките на највисокиот институт на демократијата – изборите. Токму таквиот однос на граѓаните кон изборите се своевидна силна порака на македонските граѓани и до ЕУ: потсетување дека ЕУ со својот однос спрема Македонија (со толеранција и поддршка на неправедните, бесправни и анахрони уцени од страна на нејзините земји членки кон нашата држава и народ) се оддалечила од сопствените демократски вредности и принципи, со кои се гордее и бара од земјите кандидати да ги исполнат.

Европа е ветување дека сите Европејци можат да бидат господари на својата судбина

Сосема извесно, како случајно совпаѓање, на денот кога Македонија на избори (повторно) одлучуваше за начинот на кој сака да биде дел од европското семејство, во Европскиот парламент во Стразбур се одбележуваа 20 години од последното големо проширување на Европската Унија, на 1 мај 2004 година, кога во еден бран беа примени 10 нови членки на Унијата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во таа пригода во Европскиот парламент, во своето обраќање се потсети на, според неа, „пророчките зборови“ на нејзиниот претходник Романо Проди дека се „спроведува петтото и најголемо проширување во историјата на Унијата, кое и нема да биде последно“.
– И беше во право. Оттогаш уште три земји ѝ се приклучија на нашата Унија. Денес, желбата да се обедини Европа и да се заокружи нашата Унија е поважна од кога било досега. Западен Балкан е сѐ поблиску до нас. Донесовме историска одлука да започнеме преговори со Украина и Молдавија, додека и народот на Грузија не ги крие своите европски соништа – порача Фон дер Лејен од говорницата на Европскиот парламент.
Според неа, приемот на Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и на Чешка во ЕУ на 1 мај 2004 година не беше само раѓање на поголема унија, туку и раѓање на нова ера.
– Тоа беше ноќ на ветување, бидејќи Европа е ветување: ветување дека сите Европејци можат да бидат господари на својата судбина. Ветувањето за слобода и стабилност, мир и просперитет и во 20 години што следуваа ова ветување е исполнето – истакна претседателката на Европската комисија.
Кога станува збор за одржаните ветувања спрема Македонија (па и спрема регионот што го нарекува Западен Балкан), ЕУ не се покажа доследна на своите принципи и вредности, а со антиевропските уцени вградени во преговарачката рамка наречена „француски предлог“, македонските граѓани, македонскиот народ, како да се исклучени од „ветувањето дека сите Европејци можат да бидат господари на својата судбина“. Со нестандардно форматираната преговарачка рамка за Македонија, евентуалното членство на земјата и македонскиот народ во Унијата би било според „судбина“, односно историја креирана од соседите актуелни членки на Унијата. Со преговарачката рамка креирана „специјално со уставни уцени“ за Македонија, поддржувајќи ги каприците и историските фрустрации на своите земји членки, Европската Унија прекршува принципи на меѓународното право, Универзалната декларација за човекови права на ОН…, сите вградени и во нејзините основачки акти, како носечки столбови на нејзината демократска основа.

Моќта на демократијата да го трансформира владеењето во насока на владеење на правото со одговорни избрани лидери во чиј фокус е над сѐ – благосостојба на граѓаните

Во своето обраќање по повод 20 години од големото проширување на ЕУ, Урсула фон дер Лејен го истакна моментот дека десетте земји што во 2004 ѝ се придружија на Унијата, оттогаш значително се трансформирале, но укажувајќи и на трансформативната моќ на заедништвото во ЕУ.
– Нивните економии пораснаа, земјоделско производство се зголеми тројно, а невработеноста се намали за половина. Моќта на Европа, заедно со вашата генијалност, донесе вистинско економско чудо во сите ваши земји. На многу различни начини, Европа ве направи посилни. Но вие исто така ја направивте Европа многу посилна – истакна Фон дер Лејен во Европскиот парламент.
Македонија и македонските граѓани секогаш се чувствувале како Европејци, како припадници на европската култура. Односно, Македонците секогаш го имале чувството дека автентичната македонска култура со сите нејзини специфики е дел од европските културни вредности, кои ги обединуваат различностите. Токму затоа големо е разочарувањето на Македонците од политиките на ЕУ, кои предизвикуваат чувство дека со административно-политички притисок во процесот на пристапување кон Унијата на Македонија ѝ се наметнува „идентитетска трансформација“ за национално обезличување и препотување, како услов за добивање поддршка за економска трансформација што ја добиле сите земји што станале членки на ЕУ, дури и кога ги немаат исполнето европските демократските стандарди. Со сите предизвици што ѝ се поставуваат на Македонија, на нејзиниот европски пат, македонските граѓани на првиот дел од изборите за претседател на државата покажаа дека имаат демократски капацитет сосема еднаков, односно идентичен и на исто ниво со стандардите на ЕУ. Својот став го искажаа достоинствено, масовно и без инциденти, докажувајќи дека вредностите кон кои тежнеат се оние демократските (т.н. европски), од кои се чини самата ЕУ се оддалечува или ги применува селективно. Затоа не смее на македонскиот народ да му се наметнува „вина“ за изборот со досетки од видот „дека е во право и кога греши“, зашто самата ЕУ замижува и ги погазува сопствените вредности за слобода на изразување при самоидентификација и самоименување, за права на малцинствата, за немешање во внатрешните работи на една држава од друга, па дури и од членка на ЕУ. Македонските граѓани со својата демократски изразена волја искажуваат дека никогаш не се одрекле од вистината дека се Европејци, дека сакаат да бидат дел од ЕУ, но како Македонци, со еднакви права како сите други народи и држави во европското семејство. ЕУ треба добро да ги прочита пораката на македонските граѓани и нејзината трансформативна моќ за Унијата да се врати на своите темелни вредности и принципи.