Грузија сака да донесе закон за „странски агенти“, oфицијален претставник на ЕУ: Неприфатливо

Висок функционер на Европската унија денеска ја предупреди грузиската влада дека предложениот закон за „странски агенти“ е неприфатлив и ќе претставува пречка во напорите на земјата да се приклучи кон ЕУ, доколку биде усвоен во сегашната форма.

Грузискиот парламент вчера го усвои законот во второто читање, за кој опозицијата вели дека е инспириран од Кремљ, додека полицијата употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера толпата демонстранти.

Владата смета дека законот е неопходен за да се гарантира транспарентно странско финансирање на невладините организации.

Секоја вечер, речиси еден месец, се поголем број демонстранти излегуваат на улиците. Вчера десет илјади демонстранти го блокираа центарот на Тбилиси на најголемиот антивладин митинг организиран досега.

Герт Јан Купман, директор на Управата за проширување на Европската комисија, за новинарите во главниот град на Грузија изјави дека Брисел ја следи ситуацијата и е загрижен за тоа што се случува.

„Гледаме загрижувачки случувања кога станува збор за законодавството. Законот за транспарентност, кој беше усвоен во второ читање, е неприфатлив во сегашната форма и ќе создаде сериозни пречки на патот кон пристапување во ЕУ“, рече Купман.

„Но, има уште време. Во септември ќе излеземе со препораки дали да ги започнеме пристапните преговори со Грузија и да објавиме извештај во октомври и ноември, така што има уште време. Но, сега топката кај владата“, додаде тој.

Грузискиот парламент се очекува да го разгледа законот во третото читање за околу две недели.

Текстот Грузија сака да донесе закон за „странски агенти“, oфицијален претставник на ЕУ: Неприфатливо е превземен од МАКФАКС.