Баерн тргнува во офанзива: Зидан за нов тренер, клупска легенда за негов помошник

Ули Хенес синоќа објави дека Баерн Минхен нема да успее да го ангажира Чаби Алонсо за нов тренер, давајќи сосема доволно време баварскиот гигант да ја финишира потрагата за наследник на Томас Тухел уште во текот на оваа сезона. Шпекулации има многу, Лотар Матеус го предлага Ралф Рангник за нов тренер, за екс-капитенот Филип Лам најдобра опција би било да биде ангажиран Мартин Демикелис, но раководството на клубот нема намера да ги послуша овие две легенди на Баерн.

Според информациите на добро информираниот весник „Билд“, баварскиот гигант се подготвува за финална офанзива, да постигне договор со Зинедин Зидан со кого би бил потпишан четиригодишен договор. Зидан веќе подолго време е без ангажман откако си замина од Реал Мадрид, во меѓувреме Французинот извиси во обидот да стане селектор на „триколорите“, па неодамна најави дека е подготвен за нов предизвик.

Зизу не крие дека е воодушевен од големината на Баерн Минхен, еден од ретките клубови што легендарниот Французин би сакал да ги води во кариерата. Челниците на Баерн планираат да го искористат тоа, првичниот контакт беше пред повеќе од еден месец и беше оценет како позитивен, а се очекува во следните петнаесетина дена да бидат водени и конкретни преговори. Клупските директори се подготвени да ги прифатат финансиските барања на трофејниот стручњак, кој ќе има и значителен буџет за засилувања, се со цел веднаш да направи тим со кој не само што ќе се врати на врвот на Бундес-лигата, туку и ќе го нападне трофејот во Лигата на Шампионите.

Воедно, Зидан како помошник крај себе би го имал сонародникот Франк Рибери, со кого кратко време настапуваше заедно и во француската репрезентација. Рибери е клупска легенда на Баерн, играч кој има европска круна со баварскиот гигант и не крие дека би сакал тренерската кариера да ја почне токму во овој клуб. Впрочем, тој имаше понуда на маса да седне на клупата на Салернитана, но истата ја одби ставајќи до знаење дека Баерн би бил идеално место за негов прв тренерски ангажман. Кога уште тоа би било како асистент на големиот Зинедин Зидан, јасно е дека би било „џек пот“ за поранешниот крилен офанзивец.

Се вчитува...