(Видео и фото) Изложба на проф. д-р Јордан Ѓорчев во Ликовен салон Велес: „Храбриот нов свет“
Триесет уметнички дела создадени во минатата 2023 и на почетокот на 2024 година ја сочинуваат изложбата на сестраниот уметник поточно карикатурист, стрип цртач, писател, поет и сликар Јордан Ѓорчев од Свети Николе.
Уметничките дела се апстрактни слики кои се дел од најшироката област, апстрактната уметност или во потесна смисла се сликарски апстракции,создадени од ликовни содржини и елементи како што се линии, површини, облици бои,идеи и ентитет независен и сам од себе. Изложените дела се модерно и урбано визуелно доживување, нагласи на синоќешното отворање на изложбата, писателот Христо Петревски.
-Овие слики ги сугерираат, протажираат и отелотворуваат светлината,просторот и атмосферата, без укажување и задржување на било кој конкретен и специфичен предмет. Начинот на сликање е слободен, директен и романтичен. Со чисти бои и емоции, кои им се обраќаат на набљудувачите како консументи на ритмичката хармонија на сликата. Очекуваме од авторот Јордан Ѓорчев нови засеци, премини, иновации, истражувања, исчекорувања, модалитети, нијанси, експерименти и резултати и му честитаме за досегашниот изоден сликарски пат и остварениот апстрактен резултат, додаде Петревски.
Ликовната уметност е сплет на рефлектички збир на знаења и идеи, тоа не е наука, рече скулпторот и директор на Народен Музеј Велес Ангел Коруновски пред големиот број на присутни гости на свеченото отворање на изложбата.
-Но содржи во себе една најчиста форма на изразување или тоа е естетиката во најголема смисла и едукацијата. Ја прогласувам изложбата за отворена и посакувам да уживате во естетските изрази, додаде Коруновски.
За авторот на изложбата, создадените 30 уметнички слики се само израз на еден дел од неговиот сестран уметнички порив. Создавани се во неговиот кабинет на Славјански Универзитет во Свети Николе во моменти на инспирација и често пати пред гости кои биле сведоци на творењето.
Проф. Д-р Јордан Ѓорчев е дипломиран правник и основач на меѓународен Славјански универзитет во Свети Николе и во Битола како и претседател на неговиот Управен одбор. Неговите први карикатури и кратки стрипови како и песни се објавувани во весникот „Млад Борец“. Ѓорчев првата самостојна изложба на карикатури „Бесилка“ ја имал изложено уште како средношколец.
Потоа во 2007 година ја издава збирката карикатури „Мојот пат“ а неговите карикатури „Бизнис Борис“ редовно излегува во македонските весници. Напишаните збирки поезија „Еден,една, едно“, „Чекори еден ден осамен“ и „Здивот на волшебното огледало“ објавени се на македонски и на руски јазик. Ѓорчев е автор на романот „Господинот М“ издаден од издавачка куќа на Меѓународен Славјански Универзитет, Меѓународен центар за славјанска просвета.Тој е добитник на наградата „GUSI Peace Price 2023“.
Убавка Јаневска