Музика на кирилица

„Ареа“ со најава за два последователни акустични концерти

Рок-групата „Ареа“ на 19-ти и 20-ти април во Македонската филхармонија ќе одржи два последователни акустични концерти. Членовите на групата најавуваат акустична музичка магија, каде што ќе се слушнат сите хитови направени во текот на нивната повеќе од 30-годишна музичка кариера. Вакви два концерти „Ареа“ одржа и во 2010 година во Универзалната сала.

Ружица Милошеска-Брчиоска, вокал во бендот, на прес-конференцијата во Скопје по повод најавениот концерт, посочи дека ќе се претстават на начин многу поразличен од оној што и е познат на публиката, со оглед на тоа што поретко настапуваат акустично.

„Ареа“ најчесто настапува во живо, електрично. Тука сме екплозивни и ја даваме сета наша енергија на музиката што ја создаваме, поретко настапуваме и акустично. Во 2010 година имавме концерти во Универзална сала, а сме имале и други помали акустични концерти во помали сали“, рече Милошеска-Брчиоска, додавајќи дека со нив на сцената ќе застанат уште четири девојки кои се членки на Филхармонија.

„Со нас ќе настапат уште четири девојки кои се членки на Македонската филхармонија – две на виолина и две на виолончело. Така ќе се претставиме со сосема нов аранжман што доста се разликува од она што го слушала публиката на нашите концерти во живо. „Ареа“ има седум албуми. Егзистираме 31 година. На овој концерт нема да има песни од првиот албум, но вклучени се песните од новиот албум кој го издадовме минатата година“, рече уште Милошеска-Брчиоска.

Говорејќи за концертот во 2010 година во Универзалната сала, Ружица призна и оти се надева дека оваа сала повторно ќе никне како феникс од пепелта.

„За Универзалната сала не поврзуваат многу убави спомени. Навистина ми беше жал кога ги видов сликите од пожарот. Таму сме имале наши самостојни концерти, електрични, акустични… сме биле гости на разни манифестации, на групни концерти. Сега како да изгоре душата на Скопје. Се надевам дека повторно ќе никне нова Универзална сала, како феникс од пепелта, затоа што на Скопје му е потребна концертна сала којашто има добра акустика како што имаше Универзалната сала“, рече таа.

Ивица Брчиоски, пак, додаде дека концертот ќе биде интересен затоа што аранжманите се комплетно изменети и се адаптирани на оркестарот со кој ќе свират.

„Станува збор за акустични аранжмани. Нема да има електрични гитари и ќе звучи сосема поразлично од она што до сега го слушнала публиката. Ќе биде интересно за слушање“, додаде Брчиоски.

Првиот концерт што е закажан за 19-ти април е веќе распродаден, но за вториот има останато уше мал број влезници кои може да се набават преку продажната мрежа на MKTickets. Концертот е во организација на „Фреш јунион“.

Можеби ќе ве интересира: