Охриѓани сакаат да читаат книги и најчесто тоа е белетристика. Бројот на членови во НУ Библиотека „Григор Прличев“ е околу 2000, од кои 1500 се активни, вели директорот на Библиотеката, Милчо Јованоски. Вели како институција го поттикнуваат читањето на еден непосреден и убав начин особено меѓу младите, но радува фактот што се враќа и средната генерација.

На сите петтооделенци од основните училишта во Охрид и пошироко во нашата општина им доделуваме бесплатни годишни членства и на тој начин ги поттикнуваме сите млади да се вратат кон книгата, а ќе знаат и каде е Библиотеката да дојдат да се дружат, зошто Библиотеката не е само читална и место за издавање, туку и место каде ние се трудиме постојано да имаме промоции, средби со автори и да ја отвориме и за други активности кои на некој начин ќе го свртат вниманието во Охрид, вели Јованоски.

Оваа година, потенцира, преку Министерството за култура на РСМ добиле 350 илјади денари кои ќе ги употребат за набавка на нова литература.

Не само белетристика, зошто се зголемува и бројот на читатели од основните и средни училишта. Ќе набавиме нови лектирни изданија кои повремено се менуваат и мораме тој фонд да го обновуваме за да кога веќе се зачленуваат учениците да можат да ги користат, истакнува.

Бројката на читатели, додава, се зголемува постојано, а во последно време се бележи и враќање на средната генерација.

Една средна генерација се враќаат читатели во Библиотеката, особено младите пензионери кои додека работеле немале време и сега повторно се враќаат на читањето. И тие ги читаат светските класици, да не речам руската книжевност, англиска… што е за поздравување. А, ние се трудиме преку активности што ги има Библиотеката да ги поттикниме да доаѓаат кај нас. Да не биде само класично земање на книга и заминување, да има интеракција и комуникација меѓу луѓето. Секоја книга е ново патување само по себе, зклучува Јованоски.

Инаку, највозрасниот зачленет читател во Библиотеката во Охрид е Благородна Тасевска, родена 1932 година, додека најмлад читател е Маја Наумоска, родена 2022 година.

Н.С.Ј.