Подобар животен стандард, повисоки плати, по 5.000 денари плус за секој пензионер…

Подобар животен стандард, повисоки плати, линеарно зголемување на пензиите по 5.000 денари, поголеми инвестиции, пониски даноци... се мерки кои се дел од „Платформа 1198” на партијата ВМРО-ДПМНЕ, која е победник на парламентарните избори. Економските аналитичари со поделени мислења, едни сметаат мерките и програмите кои се содржано во Платформата се реални, а очекувањата се дека веднаш по составувањето на новата влада истите ќе почнат да се реализираат. За други, пак, нема да има никаква суштинска промена на економски план, затоа што ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се скоро идентични

12814

Подобар животен стандард, повисоки плати, линеарно зголемување на пензиите по 5.000 денари, поголеми инвестиции, пониски даноци… се мерки кои се дел од „Платформа 1198” на партијата ВМРО-ДПМНЕ, која е победник на парламентарните избори. Економските аналитичари со поделени мислења, но генерално сметаат дека програмата е реална основа за дејствување и за промени кои имаат за цел подобар животен стандард и економскиот развој на државата.

Едни сметаат мерките и програмите кои се содржано во Платформата се реални, а очекувањата се дека веднаш по составувањето на новата влада истите ќе почнат да се реализираат. За други пак, нема да има никаква суштинска промена на економски план, затоа што ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се скоро идентични.

-Платформата е реална основа за дејствување на власта во наредниот четригодишен период. За се реализираат голем дел од економските мерки потребно е да се стабилизираат одредени сегменти, финансискиот, судскиот, да профункционира правната држава и да се создаде правна сигурност. Исто така, се очекува намалување на сивата економија и ставање крај на корупцијата и криминалот. Платформата е широка и опфаќа повеќе области и реално е да се очекуваат позитивни промени. Досегашната власт потфрли во повеќе области ја задолжи државата, нерационално трошеше и инсистираше на промени на устав, идентитет кој народот не ги прифати, смета универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Според него, мора да има инвестиции во инфраструктура, енергетика, образование, здравство… во сите области кои се од интерес за граѓаните. Поради тоа, како што вели граѓаните очекуваат подобар економски стандард – повисоки плати, пензии…. Граѓаните очекуваат да се остварат овие ветувања и за тоа всушност им ја дадоа поддршката на изборите.

Универзитетскиот професор Абил Бауш смета дека платформата е добра, меѓутоа потребно е разграничување на локалните од државните проблеми, бидејќи се е ставено на едно место и малку е збунувачки.

-Претходната влада имаше социјални мерки и се обидуваше да дава на сите по малку, а на крај остана без ништо. Во обемната платформа на ВМРО-ДПМНЕ може да се најде некои забелешки, но факт е дека само тие имаа економска платформа. Останува да видиме колку тоа ќе се реализира. Тие ветија намалување на невработеноста, 50 илјади нови работни места, но се поставува прашањето кои инвестиции и кои промени во образованието ќе ги направат за да го остварат тоа? – вели Бауш.

Тој додава дека платформата е добра, но оти треба да и се даде време на новата власта за да почне истата да ја реализира.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека нема да има никаква суштинска промена на економски план, затоа што ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ беа скоро идентични.

-Практично, ќе продолжат истите економски политики кои беа започнати уште во времето на Груевски – ниски даноци, мала инволвираност на државата во економијата, фокус на странските инвестиции… Единствената забележлива разлика во економската програмата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на политиките на СДСМ е тоа што ВМРО-ДПМНЕ не ветува повисоки плати. Платите беа главниот фокус на СДСМ, тие постојано се фалеа дека работат на тоа да ги покачат платите иако честопати не го правеа тоа. Сега ВМРО-ДПМНЕ не го ни спомнува тоа, што е лошо, затоа што и она што беше малку добро во времето на СДСМ на економски план најверојатно ќе исчезне, смета Јовановиќ.

И аналитичарот Синиша Пекевски верувам дека ќе има подобрување на економска состојба во државата.

-Верувам дека подобрување на економска состојба ќе има, ама да очекуваме дека веднаш и брзо ќе се подобри е илузорно. Исто така ќе има и зголемување на пензиите до крај на година, но дали ќе бидат по 5.000 денари ќе се види по увид во буџетот, за кој јас мислам дека е празен и дека дури сега ќе се увиди колкава е дупката. За добри резултати е потребно време и не очекувам инстант резултати, смета Пекевски.

Според Платформата, Македонија треба да биде меѓу земјите со најмали даноци, а за привлекување на странски мултинационални компании со големи добивки данокот ќе биде преполовен, се најавува регулаторна гилотина, намалување на оптоварувања на фирмите, довршување на гасификацијата на државата, укинување на фиксниот надоместок Пристап до мрежа од 200 денари во сметките за струја, враќање на Проектот „Купи куќа, купи стан“, поддршка на малите и средните земјоделски производители, со фокус на технолошките иновации, по 5.000 денари плус за секој пензионер …

-Платформата #1198 содржи 1.198 проекти, мерки, програми и политики со кои решаваме огромен број проблеми кај граѓаните, затоа што за нас луѓето се на прво место. Овој визионерски документ содржи конкретни реформски мерки и политики што ќе генерираат динамичен и повисок животен стандард, повисоки плати и пензии, притоа обезбедувајќи ред и правда за сите, пишува во документот.

Програмата, како што објаснуваат од партијата, е резултат на повеќегодишен консултативен процес со експерти и граѓани и е насочена кон луѓето, ставајќи ги нивните потреби и проблеми на прво место.

Во рамките на новата програма ВМРО-ДПМНЕ најавува значителни промени кои имаат за цел да го подобрат економскиот развој и животниот стандард во државата.

(А.С.)