ИНТЕРВЈУ НА ПИСАТЕЛОТ ТОМИСЛАВ ОСМАНЛИ: Повод е неговата најнова објава, книгата „Пат во рајот” што пред неколку месеци е публикувана во Србија

Под наслов „Иднината не се досегнува со движење во круг”, најновиот број на угледниот неделник „Novi Magazin” од Белград објавува опсежен разговор со писателот Томислав Османли. Повод за разговорот кој со македонскиот автор го води реномираната новинарка, уредничка, преведувачка и книжевна критичарка Анѓелка Цвијиќ е обавата на неговата книга насловена „Пат во рајот”.

Станува збор за книга со три драмски текста со теми меѓу војната и надежта, кои според изборот и предлогот од авторот, на српски јазик ги преведе Александар Турунџиќ, а ги објави новосадски „Прометеј”. Станува збор за драмите на Османли „Пат за Парамарибо”, „Двајца во Еден” и „Апокалиптична комедија”, „единствени, но и меѓусебно споредливи” – како што за својата објава ќе напише главниот уредник на книгоиздателството Зоран Колунџија – „ ‘Пат за Парамарибо’ ќе нѐ качи на возот чија пруга води до ‘Двајца во Еден’, а патувањето се завршува, дури откако сите заедно ќе ја погледаме ‘Апокалиптичната комедија’. Со своите фантасмагорични слики, Томислав Османли вешто го кине тенкиот превез што овој свет го одвојува од оностраниот, па со самото тоа минатото, сегашноста и иднината се само идејни форми на времето кое застанало, зашто ни човекот, на својот развоен пат не направил значаен исчекор. Како своевидно предупредување, Исус повторно ќе слезе, но дали ќе го препознаеме? Каков трансгенерациски јаз е потребно да се прескокне за да го пронајдеме идеално место? А можеби воопшто не се работи за место?”


Врз тие и врз бројни други теми, во своето интервју во „Novi Magazin”, авторката го реализира разговорт со нашиот писате. Таа најнапред Османли го претставува како „писател, сценарист, драматург, теоретичар на медиумите и есеист, кој припаѓа на врвот на современата македонска литература и е еден од најпреведуваните и меѓународно признатите писатели. Добитник е на бројни награди и на македонското државно признание Св. Климент Охридски, а најновиот роман „Заборав”, кој беше високо оценет од критичарите (а го чека дбојот српски издавач), додека неодамна влезе во потесниот избор за наградата „Славко Јаневски”. Османли одамна им е познат на читателите во Србија, по неговите книги XXI (Дерета), Зад аголот (Албатрос плус), Светилка за Ханука и Збир-ка-прича: елегии и гротески, апсурди во проза (Прометеј), како и Брод. Конзархија (Агора)… ”

Во објавата на својот разговор насловен „Иднината не се досегнува со движење во круг”, авторката на интервјуто во поднасловот извлекува една масмедиумска метафора од исказот на Османли:


„ Денес, светот стана Готам, а суперхеројот е злокобен витез со душа на филмскиот Џокер. Позитивните херои се во хибернација; новата супер митологија е мрачна; денес, нивните гротескни двојници дејствуваат во парализираниот свет “.

Како и претходните големи интервјуа на Томислав Османли и ова носи изострен критички пристап во оценката на локалната и глобалната современост и ја примерува со квалитетните вредности досегнати во поблиското, поавангардно минато. Македонскиот писател говори за спомнатите димензии на времето минато и сегашно, за новите трагедии на несреќно глобализираниот свет, жестоките воинствените времиња што траат во новово столетие чија прва четвртина травматично се доистрошува, за падот на голем број од вредностите при долгиот танзициски пат и за странпатиците при кои, наместо на станицата на едно респективно граѓанско општество да се најдеме поттурнувани на споредниот колосек во своевиден хаос на историјата,а светот пред егзистенцијален крстопат… Новата реалност , смета прозаистот, драмски автор и теоретичар, политички ги изневерува основните социјални, морални и филалтропски врености:


„ … Исилениот оптимизам е пропагандно лице на „новата реалност”, како што денес се нарекува овој симулакрум составен од подметнувања политички успешности, лицемерие, козметика, меркантилизам и влијание, индустрија за убавина, родажби на имиџи, рецепти за здрав живот и добар изглед, овој ботоксиран мас-медиумски мираж зад кој се крие вистинското лице на потрошувачкото општество на конзорциумите во кој по пат на оптимизам се продава масовната илузија за здравјето и радоста, а најповеќе распределбата на моќта со масовна продажба на идеологијата на среќата… и – во крајна линија – преку потрошувачкото дефокусирање на масовните гледалишта и прек затапувањето на критичката мисла. Со овие прашања, инаку, се занимавам во мојата последна книга, романот со наслов „Заборав”, кој зборува за Алцхајмеровата болест на присилното заборавање на автентичните вредности врз коишто – и според менталитетот, и социјалните вредности, а особено според урбаната генерациска свест – ние, барем, бевме воспитувани…. ”

Зад тоа, смета Османли, се моделира една злокобна современост, историја на манипулации, закани, кршења на меѓународното право и човечките и граѓански права, свет во кој моќните го газат меѓународното право и суверенитето на помалите држави и користат аргументот на силата. Тоа, укажува нашиот писател, е нова, беспримерна практика што стои наспроти едно друго време, Шеесеттите и Седумдесеттите на минатиот век во кои сѐ позасилено се обликуваше свет на соработки, се создаваа авангарди вредности и критички уметнички дела, доба на ширење на социјални слободи и на меѓународни гаранции на суверенитетите, интегритетите, идентитетите и границите на малите нации и држави.

Српската објава на книгата драмски текстови „Пат во рајот” на Томислав Османли беше поддржана од програмата и комисијата за објава на македонски книги во странство на при Министерството за култура. Ова е шести наслов што, кај три угладни српски книгоиздателства, нашиот автор вонредно бележито ја објавува во соседната, престижна книжевна средина.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес роденден слави нашиот познат фолк пејач Марјан Коцев

Марјан Коцев е роден на 20 мај 1975 година во Кавадарци. Има настапувано на речиси …