Русија го прогласи новинскиот сајт Медуза за „непожелна организација“

Канцеларијата на јавниот обвинител на Русија го прогласи независниот информативен сајт Медуза за „непожелна организација“, во последниот чин на пресметка со независните медиуми во земјата.

Медуза, чие седиште моментално е во Летонија, објавува информации на руски и англиски јазик и редовно споделува информации за војната во Украина, како и новости поврзани со кршење на човековите права во Русија.

„Активностите на медиумот предизвикуваат закана за уставниот поредок и безбедноста на Руската Федерација“, стои во образложението на руското Обвинителство.

„Непожелните организации“ имаат забрана за работење на руска територија и можат кривично да бидат гонети доколку не се придржуваат до забраната. Дополнително, нелегална е било каква дистрибуција на содржини направени од овие организации, а руските граѓани имаат забрана за било каква соработка со „непожелните организации“ и во земјата и во странство.

Претходно Медуза од страна на руските власти беше ставена на листата на „странски служби“ во 2021 година што предизвика медиумот да не може да добива никакви средства од рекламирање. По ваквата одлука новинарите решија да се префрлат на краудфандинг финансирање преку донации од читателите, а по почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 тие целосно се префрлија на финансирање преку меѓународна поддршка.

Русија прогласува „непожелни организации“ од 2015 година, кога Парламентот му овозможи на Обвинителството да доделува ваков статус на било која невладина или меѓународна организација која наводно им се заканува безбедноста или уставниот поредок на Русија. Сите што соработуваат со ваквите организации можат да бидат кривично гонети, а овие ограничувања се особено проблематични за медиумите и новинарите кои мора да комуницираат со разни извори за да дојдат до потребните информации.