Skip to main content

Кој да ги брани Македонците во Албанија? Свети Петар?

Сите знаеме дека Бугарија жестоко ги нападна и Македонците во Албанија и, на подмолен начин, систематски спроведува нивна бугаризација. Тоа трае веќе подолго време. Оваа нецивилизациска агресија, својот врв го доживеа на пописот, одржан неодамна. Успееја да „прокнижат“ повеќе Блгари од Македонци!? Дури и овие катастрофални, понижувачки и срамни резултати – не нѐ освестија, камоли опаметија. Како матична држава, Македонија не презеде ништо за дел од својот народ, ни пред, ни за време, ниту по пописот. Впрочем, апсолутно нема ништо направено за овие луѓе и со години наназад. Недоветно наше однесување, што друго?

По пописот, беше повикан амбасадорот на консултации, ама тој да ти бил невин! Демек, други биле виновни! А, ако имаше грам професионална одговорност, барем по резултатите од пописот, ако не и порано – тој требаше самиот да си даде оставка. Мораше сам да се соочи со својот неуспех, свесен дека ништо не сторил, а можеше и мораше! Затоа и го пратиле. Нејсе. Далеку сме ние од такво однесување.

Сето ова само јавно потврдува дека Бугарите имаат држава, и знаат што сакаат, а Македонците – немаат ништо! Ниту држава којашто ќе се грижи за нив, каде и да се, а уште помалку некаква политика, во која ќе има место и за нашите малцинства. Впрочем, во Нивици, и во договорот за (не)пријателство со Бугарија, ние свесно се откажавме од Македонците во овие земји, каде се тие автохтони и вековни.

Настаните во Албанија, воопшто не се случајни и прашање е дали некому добро му доаѓаат? Факт е дека Енвер Хоџа ни остави проблем! Тој призна дека кај нив има Македонци, макар во одредена, мала област и, се чини, мора самите да бараме начин да се спасиме од нив, како и од тие во Бугарија и Грција!? Со оглед дека друг начин да ги откажеме – нема, еве ја „братска“ Блгарија да ни помогне! И мозаикот станува јасен – ако раскрстиме и со овие Македонци, ќе се олесни и нашата бугаризација! Многу просто – ако веќе нема Македонци во соседните земји, нема теорија да ги има и овде, кај нас!

И сега, додека ние продолжуваме да спиеме со длабок сон, Софија продолжува со своите тешки провокации во Албанија. Откако со пописот веќе „докажаа“ дека таму живеат Блгари, продолжуваат со офанзивата, за да ги „освестат“ и последните, што се „замислуваат“ – „Македонци“.

Главен бранител на македонштината и борец против бугаризацијата е нашата единствена партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), предводена од Васил Стерјовски. Во рамките на своите скромни можности, БЕЗ НИКАКВА ПОМОШ од овде, тие сериозно ги отежнуваа(т) аспирациите на Софија.

Бугарите, меѓутоа, тоа не им го простуваат и, по пописот, ја дадоа МАЕИ на суд во Корча, што значи и Стерјовски – за ширење непријателска пропаганда против нив! Никој нека не се сомнева дека зад овој чин, како и зад оваа агресија, целосно стои бугарската држава, нека биде и на индиректен начин. Без оглед кој формално е организатор или финансиер.

МАЕИ нема никакви средства. Нема ниту банкарска сметка бидејќи тоа произведува додатни трошоци, коишто тие не можат да ги покријат. Во неа се собрани македонски патриоти коишто, главно, самите се финансираат. За судењето, побараа помош од македонската држава ама, како изгледа, таа не се чувствува како матична! Во Скопје, ќе да играат на погрешна карта? Не може да не ги разбираат работите!? Да се има сопствена држава, значи – одговорност!

Се одржа првиот претрес на судењето во Корча, а таму блгарите со најдобри албански адвокати, со присутни и од нивната Амбасада којашто, бидете апсолутно сигурни, е и главен координатор на сите овие активности. За среќа, нашиот вршител на работите дошол на судењето и се обидува да помогне. Барем, Васил Стерјовски не бил сам во Судот!

Претходно, тој барал одложување и ново судење е закажано за 9 април. Средства за адвокат, МАЕИ – нема. Писмено, и преку Амбасадата, барале од македонската страна да се финансира одбраната. Одговориле само од Кабинетот на претседателката. Ништо не им ветиле и се интересирале дали во Албанија има бесплатна правна помош!? Сепак, добро е што се јавиле. Од МНР, коешто е формално надлежно, ама и од Владата, од партиите – не добиле никаков абер. Тие се веројатно верници и сметаат дека Господ треба, и ќе им помогне?! Allahu Akbar!

Мора да ни биде јасно дека целта на судењето е да се замолчат бранителите на македонизмот во Албанија. Ако Софија добие соодветна пресуда, и ако не се инволвира Македонија во одбраната, нашите во Албанија ќе можеме слободно да ги избришеме. Ќе ги снема. Никој веќе нема да има доверба во МАЕИ, а таа е главен нивен и наш столб. На сите ќе им биде јасно дека за Македонија, тие – не постојат! За „среќа“, им се нуди опција – тука се Блгарите. Напред Софија.

Ова е тежок испит за сите нас. Ако не се положи, многу работи ќе тргнат на полошо за македонскиот народ. И таму, и кај нас.

Мора да ни биде јасно дека во однос на малцинствата, и кон дијаспората, мора да се води државна политика. Тие треба да се врзуваат со државата Македонија, со нејзините институции, а не со партиите. За сите Македонци надвор од земјата, ПАРТИЈА мора да им биде МАКЕДОНИЈА. Власта мора да биде носител на поддршката на малцинствата во соседните земји, и на соработката со дијаспората. Опозицијата мора да дава поддршка на тоа. Се’ друго е надвор од добрите практики и е на штета на националните интереси.

Политичките партии мора да го почитуваат ова клучно правило. Неспорно е дека во однос и на малцинствата, и на дијаспората, многу поактивна и по плодотворна е ВМРО ДПМНЕ. Со тоа треба секако да се гордеат, ама не смеат себично да ги користат резултатите. Мора да се почитуваат националните интереси, коишто се најважни.

Воопшто не е случајно што сегашната власт ги остава на цедило Македонците во Албанија. Во прашање е погрешна политика. ВМРО ДПМНЕ се’ уште го поддржува Едмонд Темелко, нивниот поранешен лидер, а го игнорира новото раководство, коешто е таму веќе долги години. Своевремено, на изборите, Темелко им носеше по неколку стотини гласачи од Мала Преспа и, како што се гледа, остана херој на партијата. Во една таква прилика, шефот на набљудувачката мисија за изборите, германскиот амбасадор Герт Аренс, со кого одамна се знаевме, ми кажа дека го однеле каде што гласале со автобуси донесените од Мала Преспа. Рече – глетката беше мизерна!

ВМРО-ДПМНЕ ја обнови праксата на давање помош на нашите малцинства во соседството, што е секако позитивно. Но, повеќе од половина од парите за Албанија, 8.000 евра, МНР ги дало на “Европски развоен институт” – ЕРА од Битола! Тие немаат никаква врска со Македонците во Албанија, ама тоа било по налог на Темелко!? А тој, веќе долги години живее во Ресен и, ако не се лажам, вработен е во тамошната Општина. Тој нема никакво влијание меѓу Македонците во Албанија, ниту има некакви структури, освен ракатка на купени поддржувачи, да не кажеме – мала банда, коишто ги вработија своите фамилии во разни институции во Македонија.

Темелко, демек, ќе отворал некаков портал на македонски јазик во Албанија, и тоа од Ресен или од Битола! Неверојатно, нели? Со далавери, парите ги подигнале во Амбасадата во Тирана, во готово, бидејќи Министерството за финансии не сакало да ги исплати во Битола! Од Амбасадата, коментирале – „овие луѓе, не ги познаваме“!

Најавениот портал – „Македонски глас“ – го води некој во земјава што има и свој портал, од кој вестите ги префрла и во него! По правило, сите вести се од Македонија, без никаква врска со Албанија, камоли со нашите Македонци! Единствено, од време на време, објавуваат напади врз Васил Стерјовски и МАЕИ, и ја подржуваат партијата на Илир Мета, со која ВМРО ДПМНЕ, веројатно, има добри односи. Тоа е за неверување и директно е против македонските интереси во Албанија.

Темелко, со мал прст не мрднал против бугарската агресија врз Македонците во Албанија, ниту има капацитети за такво нешто, ниту можел од Ресен. Не отишол да се регистрира ниту на тамошниот попис. Некогаш, тој имаше улога во борбата за опстанок на македонското малцинство, ама сега прави само – штета. За жал, со поддршка на нашата власт.

Крајно време е да им се помогне на нашите во Албанија. Тие имаат бројни системски проблеми за кои ние молчиме, додека Еди Рама постојано повторува дека Албанците во Македонија биле конститутивен народ!? Се’ е јасно, нели?

Прв и неизбежен чекор е ИТНО да се обезбеди соодветна врвна правна помош за судењето во Корча. Власта, и партијата ВМРО ДПМНЕ се на сериозен тест. Не смееме да го загубиме спорот бидејќи и се суди на Македонија. Поразот би значел дека ја прифаќаме бугаризацијата на Македонците, и тоа не само во Албанија. Ако продолжиме да се правиме отсутни, тоа ќе биде факт за сите. Распродажбата на македонизмот ќе продолжи без проблем, исто како по Нивици, по договорот за (не)пријателство… Ова е една од финалните пресметка на Софија со Македонците и тоа таму каде што сме најранливи. Следни ќе бидеме – ние.

МНР треба веднаш да ја овласти Амбасадата во Тирана да најде првокласни адвокати во Тирана а, ако треба, да испрати такви и од овде. На симболичен начин, судењето во Корча за нас е – да се биде, или не. Не случајно е така. На тест сме.



Поврзани вести