Директорката што натепа вработена исклучена од општинското раководство на СДСМ во Битола


Директорката на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ од Битола, Елена Спасеновска

 

БИТОЛА – Елена Спасеновска, директорка на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ Битола, која натепа вработена на работно место,  од денеска е исклучена од Извршниот одбор на ОО на СДСМ Битола, соопшти партијата.

Спасеновска од февруари година е под истрага на ОЈО за евентуална злоупотреба на службената положба и сторен криминал во шестгодишниот мандат како прв човек на ученичкиот дом. Темата за приватните патувања на Спасеновска во странство, во Албанија и Србија,  со службениот „голф“ ги отвори „Независен“. По нашите пишувања ОЈО нареди истрага.

Додека истрагата трае, две вработени во Ученичкиот дом ја пријавија директорката за малтретирање и за физички напад. Последниот инцидент од  пред два дена ја прели чашата по што заседаваа највисоките партиски тела на СДСМ во Битола, чии кадар беше Спасеновска.

„Извршниот одбор на ОО СДСМ Битола одлучи Елена Спасеновска да биде разрешена од функцијата член на Извршниот одбор заради повреда на одредби од член 11 од Статутот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како и на начелата и целите на СДСМ содржани во член 2 од Статутот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Почитување на правата и на достоинството на човекот, како и изградба на правна држава во која секој поединец одговара за своето однесување и своето работење, се вредности за кои СДСМ за залага и кои ќе ги штити и промовира без разлика од кого или од каде доаѓа заканата“, соопштија од СДСМ.

СВР Битола и официјално потврди дека на 30 април 47-годишна битолчанка, вработена во Средношколски дом во Битола, пријавила дека, додека била на работното место, била физички нападната од страна на директорката на установата.

„По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, стои во полицискиот билтен. 

Директорката пред група насобрани вработени, одненадеж ја удрила вработената по главата и лице, а со гребаници завршил и вработен кој се обидувал да ја оттргне вработената од нападот на директорката. 

Еден месец пред овој инцидент, друга вработена во Ученичкиот дом пријавила малтретирање од претпоставен. И таа заврши на болница, а болничкото обезбедување случајот го пријави во полиција. 

Трудовата инспекција работи и на двата случаи.

Вработени во Ученичкиот дом велат дека не се чувствуваат безбедно на работа, и стравуваат од нови инциденти. Денеска вработените се на распит во полиција.  (А.Б.)