Бугарија ја информира Европската комисија за инцидентот во Охрид, најави и протестна нота за македонското МНР

Искршени прозорците на здружението Цар Борис Трети/Фото: Фејсбук

Македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповска, ќе биде повикана денеска во Министерството за надворешни работи, каде што ќе ѝ биде врачен остар демарш за нападот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, објавија бугарските медиуми.

Претходно, синоќа, веднаш по инцидентот во Охрид бугарските дипломати детално го информирале раководството на Европската комисија.

Македонското Министерство за надворешни работи синоќа експресно го осуди оштетувањето на стаклото на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид кое се случило вчера.

„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најстрого го осудува вандалскиот чин, при што меѓу другото со употреба на оружје се оштетени надворешните стакла на граѓанскиот клуб во Охрид. Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку дена, на 20 ноември, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава, се наведува во реакцијата за МНР.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски синоќа потврди дека вечерта во 19.12 часот во полицијата било пријавено оштетување на стакло на просториите на здружението „Цар Борис Трети“, лоцирани на булеварот „Македонски Просветители“ во трговскиот центар Амам во Охрид. При увидот од страна на полициски екипи при СВР Охрид било утврдено дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје. За настанот бил известен јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Инаку, синоќа веднаш по инцидентот на местото пристигнал и бугарскиот конзул во Битола, Димитар Иванов.

Агенцијата БГНЕС објави дека имало видео снимка на која се гледал автомобилот од кој било пукано.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот