Порто избра екс-тренер за нов претседател

Андре Вилјаш Боаш своевремено како тренер освои се што можеше да се освои со Порто на португалската фудбалска сцена, за сега да се врати назад на „Драгао“ како претседател на овој спортски гигант.

Ерата на Пино да Кошта како прв човек на Порто траеше дури 42 години, откако довчерашниот претседател ја загуби претседателската битка со Вилјаш Боаш. На најголемите клупски избори гласаа дури 28.876 лица, при што поранешниот тренер доби најмногу гласови.

Главен предизвик за Вилјаш Боаш ќе биде да се справи со катастрофалната финансиска состојба на клубот.

„Порто е во состојба на оперативен банкрот, клубот очекуваше поголеми приходи, но не ги доби. За да се одржи на високо ниво позајмувано е од приватниот капитал, со ветувања за враќање на долговите од идните клупски приходи. Без оглед на се, верувам дека ќе го вратиме Порто каде што припаѓа. Ова е клубот кој на сите им е потребен, мене ми е чест што сум избран да го раководам во годините што следат. Се надевам дека ќе ги исполнам вашите желби, да освојуваме титули и да го одржуваме клубот на високо ниво во иднина“, изјави Вилјаш Боаш.

Се вчитува...