Економија

Петковска: Корупцијата е главниот двигател на спроведување на нелегалните активности на организираните криминални групи

Меѓународна конференција за антикорупција

Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2024г.

Неодамна во Вилниус, Литванија се одржа Меѓународната конференција за антикорупција, најголемиот светски форум за борбата против корупцијата. На конференцијата учествуваа повеќе од 2 000 учесници од повеќе од 140 земји. Со помош и во организација на Амбасадата на САД во земјава, на оваа врвна конференција учествуваше и група составена од претставници на различни институции, каде што секоја од нив претставува значајна алка во борбата против корупцијата. Така имаше по еден претставник од Државната комисија за спречување на корупцијата, од Министерството за внатрешни работи, од Јавното обвинителство, од редот на судиите, од Стопанската комора како претставник на приватниот бизнис-сектор, од граѓанскиот сектор и од Амбасадата на САД. Во продолжение ви ги претставуваме нивните импресии и главните поуки од конференцијата.


Благица Петковска, Истражен центар, Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција:

На 21. меѓународна конференција за борба против корупцијата во Вилнус, Литванија, беа споделени позитивни меѓународни искуства за борба против корупцијата каде што беше потенцирана како глобален предизвик. Евидентно е дека корупцијата влијае негативно врз општеството, националната безбедност на државата, владеењето на правото и неговите вредности, во која јасно е истакната улогата на трите столба во борбата против корупцијата, а тоа се институциите што го спроведуваат законот − министерствата за внатрешни работи, јавните обвинителства и судските органи кои се вклучени во борбата против корупција заедно со другите институции. Како долгогодишен припадник на МВР на РСМ − Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал и дел од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ми претставуваше задоволство што во текот на конференцијата беше истакната важноста на овие две институции како на национално така и на меѓународно ниво.
Корупцијата е главниот двигател на спроведување на нелегалните активности на организираните криминални групи и темелот на транснационалниот организиран криминал. Од тие причини, враќањето на довербата и на интегритетот на институциите, меѓусебната соработка, немешањето на политиката во работата на институциите, како и неселективниот пристап во борбата треба да придонесе за ефикасна борба против криминалот воопшто, а со тоа и за стабилноста на државата.

ПРЕПОРАЧАНО