Ромарио пак ќе игра фудбал на 58 години: Потпишав за да си ја остварам големата желба…

Ромарио со години важеше за еден од најдобрите светски напаѓачи, легендарниот Бразилец е во пензија уште од 2009 година, но сега реши да ја скрати пензијата и повторно да заигра фудбал.

Иако има 58 полни години, Ромарио потпиша договор за екипата на Америка РЈ, која се натпреварува во втората лига од Кариока шампионатот. Причината е – фактот дека за овој клуб настапува неговиот син, а Ромарио не криеше дека му е голема желба да одигра барем еден меч заедно со него.

„Ќе си остварам уште еден сон, да играм заедно со син ми. Мал е бројот на спортисти, на фудбалери, кои можеле да играат со своите деца на професионално ниво. Иако имам 58 години, јас се уште сум во топ форма. Се надевам дека почесто ќе му ја додава топката, за јас да бидам најдобар стрелец во екипата“, изјави Ромарио по потписот на договорот.

Ромарио беше избран за најдобар фудбалер според ФИФА за 1994 година, откако со пет гола на Мундијалот во САД ги предводеше „кариоките“ до светското злато. Тој одигра 70 средби за бразилскиот национален тим, постигнувајќи 55 погодоци.

Се вчитува...