Украина ги повлече моќните тенкови кои требаше да направат пресврт на бојното поле

Украина ги повлече од борбата тенковите Абрамс М1А1 испратени од САД, делумно поради тоа што нападите со руски беспилотни летала ја отежнаа работата на тие тенкови и затоа што тие се цел на напади, изјавија за АП двајца американски воени претставници.

Засега, тенковите се преместени од линијата на фронтот, а САД ќе соработуваат со Украинците за да најдат нови тактики за користење на тие тенкови, изјавија американскиот потпретседател на Здружениот генералштаб, адмирал Кристофер Грејди и неименуван претставник на одбраната.

САД одобрија испраќање 31 тенк Абрамс во Украина во јануари 2023 година, откако украинските власти побараа нивна испорака, тврдејќи дека тенковите, кои чинат по околу 10 милиони долари, се од витално значење за пробивање на руските борбени линии.

Оттогаш фронтот значително се промени, особено поради употребата на руски извидувачки беспилотни летала, што им отежна на украинските сили да ги заштитат тенковите Абрамс од руски напади, бидејќи беспилотните летала брзо ги откриваат, наведува АП.

Ќе се подготвува нова тактика

Пет од 31 тенк веќе се изгубени поради руските напади. Висок американски воен функционер, кој сакаше да остане анонимен, истакна дека ширењето на беспилотните летала на украинското бојно поле значи „нема отворен терен по кој можете само да одите без страв“.

Дека тенковите се поместени од линијата на фронтот потврди и потпретседателот на Здружениот Генералштаб Кристофер Грејди, но најави и дека Вашингтон ќе му помогне на Киев да подготви нова тактика.

„Кога размислувате за начинот на кој борбата еволуирала, масивниот оклоп во средина каде што се присутни беспилотни воздушни системи може да биде изложен на ризик“.

Сепак, тој рече дека тенковите се сè уште важни.

„Ќе работиме со нашите украински партнери и другите партнери на терен за да им помогнеме да размислат како можат да ги користат, во една ваква изменета средина, каде што сè е веднаш видливо“, продолжи тој.

Доаѓаат нови пакети помош

Веста за повлекувањето на тенковите доаѓа во време кога се одбележува втората годишнина од формирањето на украинската одбранбена контакт група, коалиција од околу 50 земји кои се состануваат месечно за да ги проценат потребите на украинското бојно поле.

Неодамнешните пакети на помош, вклучително и пакетот воена помош од 1 милијарда долари, потпишан во закон од претседателот Џо Бајден во средата, исто така го одразуваат поширокото ресетирање на украинските сили.

Американските власти истакнаа дека пакетот треба да ја вклучи и многу бараната муниција за системите за воздушна одбрана „патриот“.

Пентагон претходно оваа недела потврди дека испорачал балистички ракети со долг дострел познати како ATACMS, кои ѝ овозможуваат на Украина да напаѓа длабоко во областите окупирани од Русија.