Се јави и Ачерби: Јас не сум расист, повеќе се плашев од ова отколку кога имав рак…

Франческо Ачерби беше прогласен за невин по обвиненијата за расизам што ги изнесе дефанзивецот на Наполи, Хуан Жезус, откако италијанскиот спортски суд објави дека нема докази за расистички навреди од италијанскиот репрезентативец до Бразилецот.

Жезус вчера преку објава до медиумите се пожали на неправедната судска одлука, а утрово со свое соопштение се јави и самиот Ачерби, кој уште еднаш повтори дека немало никаква расистичка навреда.

„Немаше расизам на теренот. Јас не сум расист, мој идол е Жорж Веа. Сега се прави кампања за да ме масакрираат мене и моето семејство. За што? За нешто што се случи на теренот, за навреда за која јас се извинив, но навреда која немаше врска со расизам. Не сакам да кажам ништо против Хуан Жезус, искрено ми е жал за него, но не можеш да се поајавуваш во јавноста и да нарекуваш луѓе дека се расисти затоа што не си слушнал најдобро што било кажано во жарот на борбата“, истакна Ачерби.

Искусниот дефанзивец пред неколку години ја доби најважната битка откако му беше дијагностициран рак на тестисите, борба што Ачерби успеа да ја добие и да се врати на фудбалските терени.

„Искрено, повеќе ми беше страв сега, чекајќи ја пресудата, отколку кога бев болен од рак. Низ годините вложив толку многу во себе, да станам симбол на професионализам и одеднаш се соочив со огромна опасност сето тоа да го загубам за миг. Кога беше објавена пресудата, видов дека луѓето околу мене реагираат како да сум излегол од затвор после десет години зад решетки. Затоа, пресреќен сум што сега можам сето ова да го оставам зад себе“, порача Франческо Ачерби.

Се вчитува...