Доларот зајакна, нафтата поскапе

На валутните пазари во четвртокот вредноста на американскиот долар во однос на кошничката на валути благо порасна.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 105,55 поени, додека ден претходно во истиот период од тргувањето изнесуваше 105,50 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 154,95 на 155,55 јени. Доларот последните денови зајакна во однос на јенот, иако јапонските власти предупредуваат на негативното влијание од слабоста на јенот и се закануваат дека повторно ќе интервенираат на пазарот за да го запрат слабеењето на јенот. Јапонската централна банка интервенираше во најмалку два наврати минатата седмица, велат трговците.

И додека зајакна во однос на јенот, американската валута ослабна во однос на европската. Според тоа, цената на еврото достигна 1,0745 долари, додека вчера во ова време чинеше 1,0735 долари.

Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,41 отсто, на 83,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,53 отсто, на 79,40 долари.