Златан се налути: Оставете да го изберам тренерот или ќе си одам од Милан

Милан се соочува со бурен период по серијата слаби игри по кои стана јасно дека Стефано Пиоли ќе добие отказ на крајот од сезонава, а изборот на нов тренер се заканува да предизвика уште подлабоки проблеми во функционирањето на гигантот од „Сан Сиро“. Имено, Златан Ибрахимовиќ станува се поразочаран од улогата што ја има во клубот и отворено се заканил кон клупските челници дека е подготвен да ја напушти директорската функција доколку не му биде дозволено да го избере наследникот на Пиоли.

Златан уште при преговорите јасно стави до знаење дека нема намера да стане „англиска кралица“, туку ако се врати во Милан, тоа мора да биде со значително влијание врз спортските одлуки во клубот. Тој за ова добил и ветување од газдата Кардинале, но директорот Фурлани кој веќе го избрка Паоло Малдини од клубот сака да продолжи да „владее“ кога станува збор за изборот на тренер и засилувања.

Впрочем, Ибрахимовиќ веќе ги договорил условите со Антонио Конте, трофејниот стручњак прифати да се врати во Милано како предводник на вечниот ривал на Интер, но Фурлани се пожали на преголемите барања на екс-селекторот на Италија и оваа опција пропадна. Како поевтина варијанта Златан го „пикираше“ својот поранешен соиграч Марк ван Бомел, но и холандскиот стратег експресно беше избришан од листата на потенцијални наследници на Пиоли, што дополнително го исфрустрира Швеѓанецот.

Неофицијално, тој побарал итна средба со Кардинале, а доколку не ја добие слободата во работата не се исклучува можноста Ибрахимовиќ на почетокот од летово да си замине од клубот и да предизвика нов „земјотрес“ по оној од заминувањето на Малдини, од кое Милан се уште не закрепна.

Се вчитува...