„ПроПублика“ ја доби Пулицеровата награда за известување од јавен интерес

Престижната Пулицерова награда за известување од јавен интерес вчера им беше доделена на истражувачкиот медиум „ПроПублика“ за нивното „иновативно“ известување за тоа како милијардери им се додворувале на судии на Врховниот суд на САД давајќи им поклони и обезбедувајќи им патувања, пренесува Данас.

Наградата за известување од јавен интерес им беше доделена на Џошуа Каплан, Џастин Елиот, Брет Марфи, Алекс Миерјески и Кирстен Берг како репортери на „ПроПублика“.

Во категоријата фото-репортажа, наградата ја доби новинската агенција „Асошиејтед прес“ (АП) за известување за имиграцијата во САД преку Латинска Америка.

По три Пулицерови награди за широк спектар на новинарски достигнувања на теми од вооружени конфликти низ светот, до социјални неправди, смртоносните последици од војната на Блискиот исток и репресијата против опозицијата во Русија добија американски дневни весници „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“.

Меѓу другото, беа доделени награди за меѓународно, национално и локално известување, аудио известување и други.

Пулицеровата комисија додели и признанија за истакната работа во области како што се литературата, музиката и театарот.