Од Тјенанмен преку Белгород до Косово, новото лице на војната

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Современите технологии во изминатата седмица, регионално и глобално, беа акцелератор и инкубатор на контра наратив и дел од контраофанзива како дел од современото војување, но и во практика покажаа како би изгледало сето тоа.

Пропагандата е една од најсериозните работи што еволуира како што еволуира и војната. На овој форум во неколку наврати нагласивме дека многу е наивно ако војувањето го сфаќате во најсуровата форма чисто кинетички или самиот акт на употреба на сила. Притоа потенциравме дека сите инструменти на политичка моќ – дипломатија, економија, информации, дали се за влијание, пропаганда или сајбервојување – се инструменти што се користат паралелно со употребата на сила како недиректно кинетички инструменти за остварување на политичката цел. Недиректно бидејќи последиците од употребата на овие инструменти на моќ може да има последици што стануваат кобни во смисла на губење човечки животи или материјална штета. Со напредокот на технологијата во извесна смисла дојде до сериозна дерегулација на моќта.

Раслојувањето на монополот на моќ што порано го имаа државите како форма на уредување на луѓето, го забрза технологијата. Денес безбедноста е реконцептуализирана во два правци. Во хоризонтална насока (не воени закани) и во вертикална насока, продлабочување на фокусот на актерите, заштитата на поединци и групи. Иако ваквата перцепција во последно време сè почесто се актуализира преку редефинирање и на концептите за национална безбедност, овој феномен се одвива триесетина години. По крајот на Студената војна наместо класичните воени операции држава против држава, доминацијата на либерално-демократскиот свет влијаеше врз интензивирање на глобализацијата и на развој на технологијата што имаше пред сè добра намера – унапредување на човештвото во секој поглед. Но, како и за сè во светот, кога имате јанг мора да имате јин како противтежа. Користењето на технологијата од недржавните актери во еден таков свет што иташе и сè уште во одредени сегменти ита кон ултралиберитарјанство создаде услови да се експлоатира темната страна на тоа движење. Оттука, технологијата покрај за други малициозни работи, како на пример сајберкриминал во секоја форма – економска (финансиски измами и материјална штета), емоционална или психолошка (малтретирање, демнење, навреди и сл.), па сè до личната безбедност, забрзано се користи и за политички цели – пропаганда, дезинформации, сеење и инсталирање вистини и невистини со цел ерозија на вербата во државниот систем, парализирање на институциите преку подвојување на јавното мнение и со тоа инхибирање на енергијата и на процесите што се институционализирани од страна на државата.

Овде би додале дека за тоа има и позитивна и негативна страна. Позитивната е дека поединецот може да биде заштитен од државата (евентуална манипулација и злоупотреба), а негативна дека таквата манипулација може да дојде однадвор. Деновиве сме бомбардирани и од информации и обиди како да се справиме со дезинформации, па како и за секоја работа се појавуваат експерти од сите области, кои се обидуваат да дадат придонес или да профитираат од овој феномен. Настрана од сето тоа, викендов некако како да беше сторен за оваа тема. Голем дел од социјалните медиуми беа преплавени од „вистината“ или од обидот да се пласира вистината за масакрот на плоштадот Тјенанмен во Кина. Ако можеби нема да се сетите по името, по сликите и видеоснимката сигурно би се сетиле. Тоа за Западот и за борците за човекови права е онаа снимка од човекот што му пркоси на тенкот, што претходи на според нив масакрот врз недолжното население.

За голем број кинески профили, но и за дел што тврдат дека се од западната хемисфера, овој 4 јуни (годишнина од настанот) беше повод да ја расветлат „фабрикуваната“ приказна за Тјенанмен.  Накратко, официјалните светски медиуми пренесоа дека стануваше збор за демонстрации предводени од студенти што се одржаа на плоштадот Тјенанмен, Пекинг, во текот на 1989 година. Според овие податоци, кинеските владини трупи насилно ги задушиле демонстрациите оставајќи ги телата расфрлани низ плоштадот. Деновиве беа споделени ретки слики од овој немил настан. Протестите почнаа на 15 април и беа насилно задушени на 4 јуни кога владата ја испрати Народноослободителната армија да окупира делови од центарот на Пекинг. Процените за бројот на загинати варираат од неколку стотици до неколку илјади, со уште илјадници повредени. Само уште да појасниме дека протестите беа поттикнати од смртта на прореформскиот генерален секретар на Кинеската комунистичка партија (ККП) Ху Јаобанг во април 1989 година во услови на брз економски развој и општествени промени во Кина.

Новите слики и сценарија што се лиферуваа и тоа некако масовно и организирано, даваат една поинаква вистина за таа приказна. Во еден истражувачки дух со цитирање и со упатување на извори главно од западна провиниенција, овие написи се обидоа да покажат дека тоа што мислиме дека го знаеме не е вистина. Еден од многуте наслови што се користеше како контра наратив беше оној на Николас Кристоф. Кристоф во тоа време бил во Пекинг и наводно напишал: „Државната телевизија дури прикажа филм од студенти што мирно маршираат од плоштадот Тјенанмен кратко во зори како доказ дека демонстрантите не беа масакрирани“. Во написот тој исто така тврдел дека неидентификуван студентски демонстрант имал сензационален напис тврдејќи дека кинеските војници со митралези пукале во мирните демонстранти на плоштадот.

Греам Ерншо од „Ројтерс“ исто така наводно бил на плоштадот Тјенанмен ноќта на 3 јуни. Тој останал цела вечер до 4 јуни, а во своите мемоари наводно напишал дека војската навистина дошла, но не била насилна туку преговарала со студентите по што сите мирно се разотишле. Сепак, информациите говорат дека имало жртви и тоа од 200 до 300 луѓе. Тие жртви биле дел од судирите во различни делови на Пекинг. Но, се тврди дека половина од оние што загинале биле војници и полицајци. Како засилување на аргументацијата за манипулацијата се наведува и извор на Викиликс од Амбасадата на САД во Пекинг (испратена во јули 1989 г.). Во оваа изјава се откриваат информациите на латиноамерикански дипломат и на неговата сопруга, кои биле наводно очевидци на настанот. Според изјавата на дипломатот, на плоштадот немало масовни убиства како што наводно се тврди.

Независно од вистината, иако таа секако е потребна и битна, поентата е дека овој настан и фреквенцијата на пишување за „вистината“ има една друга димензија, која освен вистината има за цел контраофанзива и контранаратив. Имено, секогаш кога се напаѓа Кина за кршење на човековите права, се посочува и овој настан. Оваа кампања оттука има една друга димензија, а тоа е испраќање порака дека информациите што се шират се неточни. Таа има морална, но и една друга контранаративна нитка, која треба да биде една од линиите на операции во геостратешките препукувања и позиционирања за кои се надеваме ќе останат на ова рамниште.

Паралелно на тоа, викендов беше интересен бидејќи според одредена група влијателни профили околу војната во Украина, контраофанзивата најверојатно почна. Иако имаше изолирани написи за директен борбен допир на украинските сили на отпорот и руските окупациски сили, многу сериозни анализи посочија пробив на украинските сили во делови од линиите на одбрана во Запорожје, на руска страна. Со тоа, најверојатно, облакот за тоа дали ќе има контраофанзива се расчисти. Она што е интересно е што акцентот во информациската кампања на оваа контраофанзива се стави на две работи. Прво, хакирањето на телевизиските станици во Крим, каде што медиумската кампања за контраофанзивата се емитуваше во полн ек. Во видеото, војници од различни родови со современ изглед одважно покажуваат да се молчи бидејќи офанзивата почнува, ословувајќи го како „плановите го сакаат молчењето“ или послободно – плановите треба да бидат тајни. Второ, операциите што полските доброволци заедно со руските доброволци ги изведуваат на територијата на Русија во Белгород, во кои заземаа неколку помали населени места во должина на границата со Украина на руска територија.

Оваа контраофанзива на тој начин има своја симболика и во уникатноста и во обидот преку диверзифицирање на напорите да се зададе удар на повеќе места во одбраната на Русија, па дури и да се натера да се брани на сопствена територија. Кон ова треба да се додаде и дека претседателката на Молдавија и официјално дозволи територијата на Молдавија да се користи за маневар од страна на украинските сили на отпорот. Дали ќе успее контраофанзивата е прашање на време за кое допрва треба да разговараме.

Она што е интересно е дека информациите за овие операции беа уредно снимени и со сериозна содржина на борбени постапки акцентирајќи ја неспособноста на Русија да ја одбрани својата територија – со други зборови создавање несигурен терен насекаде. Во голем дел од снимките има и елементи за операции на влијание врз населението со цел да се рашири несигурноста и скепсата кај руското население во капацитетите на Москва.

Конечно, Косово кое кај нас предизвика низа реакции е дел од овој мозаик. Посебно актуелно е што дезинформациите или информациите за влијание имаа три аспекта. Првиот е оној на косовските власти, кои како и многумина западни дипломати што се обидуваат да ни ја кажат вистината, имаат проблем со временска отсечка – за кој период од времето или конкретниот проблем зборуваат дека има вистина. Така, Курти е во право кога тврди дека Западот не треба да го критикува, бидејќи тие рекле дека изборите во оние места во кои ескалира состојбата се регуларни. Да, така е и тој е во право. Ама проблемот е што до крај не ја кажува вистината дека беше советуван и предупреден да не ги организира изборите поради бојкотот на Србите бидејќи тие нема да бидат легитимни во таа смисла. Втората линија е она на Вучиќ, кој како да почнува да игра симултанка. По оставката од чело на партијата, Вучиќ има обид да креира наратив и слика дека во приказната тој е најдоброто решение и дека и тој се бори за мирно решавање на спорот со Косово. Третата е на опозицијата во Србија, која сè повеќе има шанси да падне во замката на Вучиќ според која од продемократска ќе заврши во националистичка – таа да биде поригидна од Вучиќ за прашањето за Косово. Без да влегуваме во деталите и нијансите – кои за други цели и анализи се битни – би заклучиле дека современите технологии во изминатата седмица на дланка регионално и глобално беа акцелератор и инкубатор на контра наратив и дел од контраофанзива како дел од современото војување, но и во практика покажаа како би изгледало сето тоа. Можеби НАТО во целост ја сфаќа сериозноста после испраќањето дополнителни комадни сили од Турција на северот од Косово, сили на втората најголема армија на НАТО.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот