Фото: Игор Бансколиев

Европските бирократи сѐ повеќе се свесни дека се множат „параинституционални ЕУ-проекти“ за поддршка на „европски“ цели, што преку разни параван-трансакции се користат за инсталирање „соодветни политики“ во земјите од регионов, за поддршка на точно одредена нечија изборна кампања или, пак, за носење политички гарнитури и марионети, од кои потоа Европејците градат култ на големи регионални лидери и миротворци. Од друга страна, европските специјализирани служби за ревизија и нивното сè почесто и поотворено барање за отчетност упатено кон европските институции се доволни индиции дека сето она што се случува зад сцената на ЕУ, а се однесува за земјите од Балканот, е под длабок знак на сомнеж. Постојат основи на сомневање дека некои параинституционални центри на моќ ги користат и Европскиот парламент и Европската комисија (ЕК) како алатки за промовирање политики што се компатибилни „само и само“ на стратегии што немаат многу допирни точки со демократијата, ниту со принципите на самата Унија, ниту пак со меѓународното право и интеграциите на Балканот во ЕУ

Европските институции се свесни за феноменот на инјектирање пари на Балканот надвор од стандардните финансиски текови на ЕУ

Случувањата на Балканот последните децении јасно укажуваат дека ништо не е случајно и дека секој чекор е добро испланиран и, што е уште поважно, добро финансиран од затскриени моќни центри во Европа, за што јавноста станува сѐ повеќе свесна.
Последната афера поврзана со нелегално финансирање на изборната кампања на косовскиот премиер Албин Курти со пари од регионалните подружници на словенечката државна енергетска компанија ГЕН-И е само едно камче во корупцискиот мозаик, кој сè повеќе почнува да ја покажува големата слика, дека зад настаните, политичарите, владите и генерално политиките на Западен Балкан со години стојат некои и некакви не докрај јасни интереси, со намери што не се транспарентни, демократски и универзално вредносни. Самракот на една ера, проследена со низа глобални кризи и тектонски промени (здравствена, економска, воена итн.) како да демаскира и европски центри на моќ што дебело плаќаат за да наметнат сопствено влијание и интереси, спротивни на волјата на граѓаните.
Влијанието на тие европски центри врз своја кожа го почувствува и Македонија, откако Грција претходно вшприца стотици милиони евра сомнителни пари во медиумите само полесно да ја продадат приказната за наводната грчка Македонија, што на крајот финишира со Преспанската спогодба, целосно погазувајќи ги постулатите на меѓународното право и со тешки отстапки кај македонските граѓани.
Неодамна стигнаа најавите дека ревизорите на ЕУ длабински ќе ги испитаат сите аспекти на трошењето на ЕУ-буџетот (2021-2027 година вреден околу 361 милијарда евра), како и на фондот за обновување на Унијата од ковид-19, во висина од 800 милијарди евра. Иако во официјалното образложение се наведува дека ревизорите ги преземаат овие чекори „за да се осигури дека земјите што добиваат средства од ЕУ го почитуваат владеењето на правото, ги почитуваат договорените процедури и финансиските средства ги трошат наменски, според договорените и утврдени правила, во согласност со прописите“, повеќе од јасно е дека ова ревизорско длабинско скенирање има цел да утврди од каде истекуваат и каде завршуваат неконтролираните милиони евра од европските буџетски обврзници.
Последните корупциски афери во ЕУ, како „Катаргејт во ЕП“, но и стотиците милиони евра од Словенија за финансирање политички кампањи на регионални балкански лидери, се само потврда дека оние што постојано заговараат борба со корупцијата, всушност, се главниот генератор на корупциското однесување.

Во говор во Европскиот парламент (ЕП) јасно опишана подредената улога на европските институции во насока на спроведување нечии незаконски агенди

Европските бирократи сѐ повеќе се свесни дека се множат „параинституционални ЕУ-проекти“ за поддршка на „европски“ цели, што преку разни параван-трансакции се користат за инсталирање „соодветни политики“ во земјите од регионов, за поддршка на точно одредена нечија изборна кампања или, пак, за носење политички гарнитури и марионети од кои потоа Европејците градат култ на големи регионални лидери и миротворци.
Од друга страна, европските специјализирани служби за ревизија и нивното сè почесто и поотворено барање за отчетност упатено кон европските институции се доволни индиции дека сето она што се случува зад сцената на ЕУ, а се однесува за земјите од Балканот, е под длабок знак на сомнеж. Постојат основи на сомневање дека некои параинституционални центри на моќ ги користат и Европскиот парламент и Европската комисија (ЕК) како алатки за промовирање политики што се компатибилни „само и само“ на стратегии што немаат многу допирни точки со демократијата, со принципите на самата Унија, ниту пак со меѓународното право и интеграциите на Балканот во ЕУ.
Неодамна полскиот европратеник и филозоф Ришард Легутко, во обраќањето во ЕП, најдобро ја објасни подредената улога на европските институции во насока на спроведување нечии незаконски агенди.
– Вистината е дека Европскиот парламент направи многу штета во Европа. Се испраќа погрешна порака што ги претставува Европејците. Не постојат и нема да има Европејци. Парламентот ја инфицира Европа со бесрамно партизирање. И инфекцијата станува толку заразна, што се шири и врз другите институции, како Европската комисија. Парламентот ја напушти основната функција да ги претставува луѓето, наместо тоа, се претвори во машина за имплементација на таканаречениот Европски проект, на тој начин отуѓувајќи се од милиони гласачи – порача Легутко во говорот, кој на моменти беше проследен со аплаузи од страна на оние што се согласуваат со него, но и на потсмев од неговите опоненти.
Ставот на Легутко е дека Европскиот парламент станал нетолерантен кон каков било спротивен став и воопшто кон различноста како еден од главните европски постулати.

– Без оглед колку пати го повторуваме зборот „различност“, различноста станува вид пред истребување во ЕУ и особено во овој ЕП. Парламентот е квазипарламент, бидејќи го отфрла есенцијалниот принцип на парламентаризмот – одговорноста. Пратеникот е избран од гласачите и мора да одговара пред оние што го избрале – истакна Легутко.
Според него, ЕП работи врз проекти што ги игнорираат реалноста и законот, избегнува одговорност, им го врти грбот на милиони луѓе и им служи на интересите на една политичка ориентација.
– И тоа е само врвот на ледениот брег – предупреди Легутко.
Во неговото обраќање ,кое е јасна критика на нефункционалните европски институции и наметнувањето на една поставена политика, всушност јасно е посочено дека водечките луѓе во Брисел всушност знаат дека некои моќни европски земји туркаат проекти под европскиот параван занемарувајќи ја реалната состојба на теренот, газејќи врз меѓународното право и без притоа да преземат некаква одговорност, а уште помалку некому да дадат отчет за она што го работат. Валканите европски пари всушност се наменети за тие „проекти“ за кои говори Легутко, бидејќи ги нема на видливите европски сметки, туку се појавуваат преку посреднички трансакции за полесно да им се изгуби трагата и да се скрие нивната вистинска намена.
Токму оттаму се сите индиции дека зад словенечката државна енергетска компанија ГЕН-И стои всушност „проект“ на некои европски центри, кои ја користат Словенија само како влезна порта за валканите пари на Балканот. Такви „невидливи“ европски пари завршија и на сметките на грчките медиуми, кај многу невладини организации, политички субјекти, кои во одреден период требаше да одиграат некаква нарачана улога.
Тука и треба да се бараат причините зошто афери од толку големи размери во кои циркулираат милионски суми евра со години никој не ги истражува, туку се туркаат под тепих. Што е уште поважно, прашање е уште колку други корупциски скандали со употребата на „црни пари“ се држат ниско под радарот, бидејќи Европа сè уште не ги заокружила проектите на Западен Балкан.

Владеење на правото, отчетност и транспарентност како одговор

Без оглед на пишувањето на медиумите во регионот последните месеци, Европа сè уште тактизира во врска со аферата со финансирањето на кампањата на Курти со словенечки пари, иако првпат овој скандал беше објавен во април минатата година, во пресрет на словенечките претседателски избори. Засега ниту една европска институција не се обидува да им влезе во трага на парите и нивната вистинска намена, иако длабинската ревизија, која сега се најавува, треба да покаже на што се потрошени овие пари.
Како и да е, повеќе од јасно е дека Европа засега ќе молчи, додека и самата е погодена од серија големи корупциски скандали што ја тресат по сите основи, но истовремено никој не треба да има илузии дека моќните европски центри ќе ја прекинат својата операција за тајно финансирање „проекти“ на Балканот со кои сакаат да ги наметнат сопствените интереси. Актуелните невралгични точки остануваат нерешени, а раздвиженоста на теренот во последниот период и постојаните тензии само говорат дека можеби се на повидок големото финале и конечната разврска на распадот на Југославија. Едно е сигурно, вака опишаните пари ќе најдат нови патишта и ќе продолжат и натаму да пристигнуваат, а единствена одбрана е отчетно и транспарентно владеење на оние што ја водат државата, како и доследно и неселективно владеење на правото. Тоа се единствените механизми за одбрана од валканите пари. Сите оние што избегнуваат отчетност, одговорност, транспарентност и почитување на законите се дел од целата корупциска игра.