Утрински Весник
Македонија

Од 2017 година до денес изградени се 864 социјални станови за 864 семејства во Македонија

Dsc 3580.jpg

Граѓаните на кои најмногу им треба секогаш се заинтересирани за добивање на социјален стан од државата, а во периодот од 2017 година до денес изградени се 864 социјални станови во 11 згради за 864 македонски семејства.

Според официјалните податоци 349 станови се веќе распределени на семејства на кои оваа државна помош целосно им го промени квалитетот на живот на подобро, во девет згради во Македонски Брод, Неготино, Струмица, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Гостивар, Гевгелија и Демир Капија.

-Ова е социјална правда – системски да исправиме таму каде што некој бил обесправен од општеството, од околината или од транзицијата. Покрај социјалните станови, силен придонес кон праведноста во македонското општество беше и решавањето на статусот на повеќе од 13.000 стечајци, зголемувањето на социјалната помош за 300% и зголемувањето на минималната плата за работниците од 9.000 денари во 2017 на 22.500 денари во 2024 година, потенцираше министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Планот предвидува распределба на становите во Кочани и Велес, а по завршување со изградбата, распределба и на социјалните станови во општините Бутел и Дебар, како и изградба на уште две социјални згради во Штип и Прилеп.

Ова се податоците за последниот проект (F/P 1674) во однос на изградени згради наменети за ранливите категории на граѓани:

Скопје- Ѓорче Петров ( 2 објекти по 51 стан), Кичево ( 32 ), Охрид (71), М.Каменица (29), Кочани (29), К.Паланка (46), Берово (51 ), Квадарци (30), Битола (78), Штип (91), Демир Хисар (25 ) Прилеп (76), Ресен (18 ), Кочани (43 ), Македонски Брод (10), Струмица (41 ), Гостивар (70 – во моментов се врши технчики прием) Пробиштип (48 ), Неготино (62), Св. Николе (48), Виница (36), Скопје- Бутел (312), Гевгелија (44), Демир Капија (16), Велес (29). Исто така уште 34 стана во Пехчево, во Дебар 46, во Скопје поточно во Сарај 58, во Кочани 35, во Штип 40 и во Прилеп 70 станови наменети за ранливите категории на граѓани.

Како се добива социјален стан?

Просечната површина на социјалните станови се движи од 35-47 м2. Што се однесува до распределбата на социјални станови под закуп, таа се одвива согласно одлуката за распределба, како и условите за нивно користење изградени по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Македонија.

Тоа значи дека откако зградата ќе биде изградена, со извршен технички преглед од страна на АДИССДП тие доставуваат извесување до Министерството за транспорт и врски. Следната фаза е во Министерството за транспорт и врски кои потоа доставуваат обрасци за аплицирање по категории на корисници на социјалните станови до Центарот за социјални работи во општината каде е изграден социјалниот стан. Потоа процедурата вели дека се објавува Оглас за распределба на социјални станови под закуп за конкретната зграда со определен рок во кој треба да бидат доставени барања од страна на апликантите.

Во однос на категориите на граѓани кои имаат можност за аплицирање за ваков тип на стан надлежните наведуваат шест групи на граѓани кои може да аплицираат на овој оглас, а тоа се деца без родители или без родителска грижа кои имаат навршено 18 години, а до својата осумнаесет годишна возраст биле згрижени во институции или дуги облици на згрижување на деца без родители, потоа корисниците на право на гарантирана минимална помош, лица кои се погодени од елементарни природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни живеалишта. Лицата со попреченост и семејствата со лица со попреченост како и лица припадници на Ромската заедница кои се социјално загрозени, но и самохрани родители на малолетни деца.

Постапката за распределба на социјални станови под закуп ја спроведува Комисија формирана од страна на Министерот за транспорт и врски, а составена од 3 члена од Министерството за транспорт и врски и 2 члена од Министерство за труд и социјална политика.

Апликантите ја доставуваат потребната документација до Центарот за социјална работа во општината во која е изградена зградата во определениот рок во Огласот. Центарот за социјална работа во општината во која е изградена зградата ја прибира потребната документација доставена од страна на апликантите и истата ја евидентира во образецот за апликативна листа, кој образец го потврдува и заверува со потпис и печат, по што сите апликативни листи ги внесува во збирен список – Листа на пријавени кандидати, која ја доставува до Министерство за транспорт и врски – Комисија за распределба на социјални станови.

И кога ќе заврши целата процедура следува јавна електронска распределба на социјалните станови во општината и се врши јавна електронска распределба на социјални станови по што се објавуваат премилинарни листи. Тука следува процедурата на разработка на документацијата на апликантите, се врши увид на лице место каде што живеат лицата кои се на таа прелиминарна листа. Конечната листа ја подготвува Министерството за транспорт и врски, од каде подготвуваат решенија за распределба на социјалните станови за секој учесник на Огласот.

Можете да прочитате

Расчистено разбојништво во Штип

Османи: Мултилатерализмот останува единствениот начин да се мобилизира колективен одговор кон војни, кризи, вонредни ситуации…

Георгиадис: Доколку се прекршува Преспанскиот договор Мицотакис ќе го поништи