• недела, 21 април 2024

Митрески се сретна со делегацијата на ад-хок Комисијата на ПС на СЕ за набљудување на изборите

Митрески се сретна со делегацијата на ад-хок Комисијата на ПС на СЕ за набљудување на изборите

Скопје, 27 март 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието, Јован Митрески денеска се сретнал со делегацијата на ад-хок Комисијата на Парламентарното собрание (ПС) на Советот на Европа (СЕ) за набљудување на претседателските и парламентарните избори во државава, кои престојуваат во дводневна предизборна мисија, соопшти собраниската прес-служба.

На средбата биле присутни и Дарко Каевски, шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Целта на посетата, како што се наведува во соопштението, е следење на подготовките за претстојните двојни избори во земјата, а во ад-хок Комисијата, како што нагласил швајцарскиот пратеник Алфред Хер, учествува по еден член од сите политички партии застапени во Парламентарната Асемблеја и тоа: Стефан Шенах од Австрија, Крис Саид од Малта, Селивај Челенк Озен од Турција, Сибел Арслан од Швајцарија и Џозеф О᾽Рајли од Ирска.  

Осврнувајќи се на подготовките за изборите, Митрески информирал дека Парламентот изминатиот период ги има преземено сите неопходни чекори со цел да се обезбедат услови за спроведување на фер и демократски избори. Тој информирал дека со изборот на седмиот член, целосно е комплетиран составот на Државната изборна комисија, а донесени се и измените на Изборниот законик, со кои се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР.  

Соговорниците, како што стои во соопштението, размениле мислења за предизборните коалицирања, како и за прашањата што би доминирале во изборните кампањи. Било изразено заедничко уверување дека изборите ќе поминат со почитување на највисоките европски стандарди и практики.

Ад-хок Комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските и парламентарните избори ќе ги следи изборните процеси со 22 пратеници, кои ќе бидат присутни во државата на денот на гласањето и на 24 април и на 8 мај, а нивниот извештај ќе биде презентиран во текот на јунската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа. цр/бак/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан