Истрагата напредува и доказите ги насочуваат надлежните – каде да ги бараат причините за убиството на 67-годишниот матичен лекар од Скопје.
Приведени се неколку лица, потврди министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски.
Претходно, тој информираше дека се преземени 20 истражни дејствија и прегледани над 50 камери. Мотивите за убиство не се поврзани со дејноста на докторот, кажа Тошковски во гостување на подкаст на веб-медиумот Скопје1.
Согласно моите информации приведено е уште едно лице. Значи, приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може соодветно да се утврди фактичката состојба. Штом имаме нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена, изјави министерот тошковски.
Првично беше утврдено дека лекарот бил убиен со девет убодни рани, во четвртокот вечерта.
Тој неколку часа не се враќал дома, по завршување на смената на работа. Безживотното тело го нашле неговите синови, а потоа лекарите од Итната медицинска помош само констатирале смрт.
Матичните лекари во понеделникот протестираа во знак за револт на убиството на нивниот колега, но надлежните институции допрва ќе треба да соопштат кои се мотивите за убиството, откако од МВР кажаа дека неговата професија не е поврзана со злосторството.
Петар Догов