Дончиќ добива друштво: Еден Србин и еден Хрват ќе помагаат Далас да стане шампионски тим

Лука Дончиќ и оваа сезона ја игра на фантастично ниво, но евидентно е дека тимот на Далас нема капацитет да се вмеша во борбата за титулата со овој ростер, без оглед на квалитетите на словенечката суперѕвезда. Газдата Марк Кјубан е свесен за ова и планира мини-ремонт во тимот, се со цел Дончиќ да ја добие неопходната помош за маверикс во наредните две години да се доизгради како тим со амбиции за највисок пласман.

Постоеја најави дека Далас ќе тргне по Кајри Ирвинг по барањето за трансфер што овој  кошаркар го врачи на управата на Бруклин, но Кјубан и клупските директори не го разгледуваат Ирвинг поради проблематичниот карактер со кој може да ја подели екипата, но и да влезе во војна со самиот Дончиќ.

Наместо тоа, челниците на Далас ја разгледуваат опцијата од тимот да направат екс-ју колонија, па на Словенецот Дончиќ на помош да му ги донесат Хрватот Бојан Богдановиќ и Србинот Богдан Богдановиќ. Бојан Богдановиќ на почетокот од сезонава пристигна во Детроит каде е еден од најдобрите кошаркари, за него се интересираат и челниците на ЛА Лејкерс, но Далас најавува понуда во наредните денови. Се очекува маверикс да го испратат пикот од првата рунда на драфтот во 2027 за да го добијат одличниот хрватски шутер, опција што е прифатлива и за раководството на Детроит.

Потешко ќе биде да се убеди Атланта на трејд за Богдан Богдановиќ, ако се знае дека Србинот делува среќно во таборот на „јастребите“, а клубот досега јавно не искажа желба да се ослободи од екс-кошаркарот на Партизан и Фенербахче. Сепак, Кјубан верува дека со добра понуда може да го донесе Богдан за соиграч на Лука, нешто што ќе се обиде да го реализира во наредните пет дена.

Се вчитува...