За време на денешната свечена заклетва во Собранието, и покрај тоа што во официјалниот текст на заклетвата што и беше прочитана, земјата се нарекува „Северна Македонија“, новата претседателка на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска -Давкова избра својата земја да ја нарече „Македонија“, се вели во соопштението на грчкото Министерство за надворешни работи за свечената заклетва на претседателката на Северна Македонија.
Овој чин е флагрантно кршење на Договорот од Преспа и Уставот на нашата соседна земја, кој е усогласен со меѓународните обврски на Северна Македонија. И покрај приговорите што ги искажа како опозициска партија при ратификацијата на Договорот од Преспа, актуелната грчка влада како ратификуван го почитуваше меѓународниот договор, кој преовладува секоја друга законска одредба.
Во овој контекст, Грција категорично наведува дека понатамошниот напредок во нејзините билатерални односи со Северна Македонија, како и напредокот во европскиот курс на оваа, зависи од целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно од употребата на уставното име на земјата, се вели во соопштението од грчкото МНР.
Повеќе грчки медиуми објавија дека заминувањето на грчката амбасадорка од инаугурацијата на новата претседателка Силјановска-Давкова во знак на протест не претставувало лична одлука, туку насоки дадени од Министерството за надворешни работи на Грција. Како што пренесува грчкиот весник „Катимерини“ , постоела директива од грчкото МНР за однесувањето на грчката амбасадорката по заклетвата на Силјановска.
Драган Мишев