Економија

УВОЗОТ НА ХРАНА ДВАПАТИ ПОГОЛЕМ ОД МАКЕДОНСКИОТ ИЗВОЗ НА ХРАНА, трговскиот дефицит до јули изнесува 1,92 милијарди евра

06.09.2024

Вкупната вредност на извозот на стоки од  Македонија, во периодот јануари – јули 2024 година, изнесува 4 567,7  милиони евра и бележи пад од 7,7  отсто во однос на истиот период од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6 489.9 милиони евра, што е за 0,8  отсто повеќе во споредба со истиот период лани.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јули 2024 година, изнесува 1 922,3 милиони евра. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јули 2024, изнесува 70,4 отсто.

Во периодот од јануари до  јули 2024 година извозот на храна и живи производи од Македонија изнесува 300,2 милиони евра, а увозот на храна во земјата е 622,2 милиони евра. Во овој период извозот е зголемен за 11,2 отсто, а увозот за 12,2 отсто во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на ДЗС.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица.

Во периодот јануари – јули 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.


фото freepic

ПРЕПОРАЧАНО