Интервју со Јакимовски: Уцените, заканите и опструкциите се методите на работа на „реформираниот“ Мицкоски и неговите потчинети

од Vladimir Zorba

Ниту ќе дозволам некој да ме понижува мене, ниту граѓаните на Карпош. Напротив, нека знаат граѓаните дека уцените, заканите и опструкциите се методите на работа на „реформираниот“ Мицкоски и неговите потчинети. Всушност, неговите советници во општината одлучија да не им служат на граѓаните, туку нему лично. И тоа повеќе не треба да се крие. Треба граѓаните на Карпош да го знаат, вели во интервју за „Локално“ градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Според него ако општината лошо функционира, не се развива, не ги решава проблемите на граѓаните, секако дека најодговорни ќе бидат трите партии кои раководат со неа – ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ГРОМ.

-Токму во раководењето на локалната самоуправа, а особено на општина Карпош, овие коалициони партнери покажуваат колку успешно утре ќе ја водат државата. Ако не не бива да водиме општина, како ќе водиме држава?, прашува Јакимовски.

По разделбата со ВМРО-ДПМНЕ, вели дека нема намера да коалицира со својот поранешен партнер – СДСМ.

– Немам намера со никого да влегувам во коалиции. Кој е подготвен да работиме за доброто на граѓаните на Карпош е добредојден и јас сум подготвен да сорабутвам со него, вели градоначалникот.

За тоа дека граѓаните на Карпош се жалат дека во последните месеци живеат во мрак, поради гасењето на уличното осветлување, тој вели дека осветлувањето функционира по систем „секоја втора светилка“ да биде запалена и дека со вакво штедење, сметката за улично осветлување е три пати поголема во однос на истата од мај минатата година.

– Минатата година била околу 1 милион, сега е 3 милиони денари. Ако не штедевме сметката ќе беше минимум 5-6 милиони денари, дециден е тој.

Во однос на хаосот со паркирањето категоричен е дека спасот е во монтажни гаража, но дека краткорочно решение за спас на граѓаните од Карпош 1, Млечен ресторан и Министерство за економија е воведување зонско паркирање.

Тврди дека неговата и одлуката на Советот деца од други општини да не се запишуваат во градинките во Карпош се покажала целосно оправдана, затоа што веќе ниту едно дете од Карпош не чека на ред за упис во градинка туку има список само на оние чии родители се изјасниле дека нивните дечиња ќе почнат со предучилишно образование од 1 септември

Колку вашата разделба со ВМРО-ДПМНЕ ќе влијае на работењето на Општината со која раководите? Дали очекувате опструкции за идните проекти?

– Причината за разделбата е токму досегашната опструкција. Што полошо можам да очекувам од ова? Тие веројатно мислат дека, ако јас немам мнозинство ќе се однесувам понизно кон нив и дека тие ќе можат да ме понижуваат. Ниту ќе дозволам некој да ме понижува мене, ниту граѓаните на Карпош. Напротив, нека знаат граѓаните дека уцените, заканите и опструкциите се методите на работа на „реформираниот“ Мицкоски и неговите потчинети. Всушност, неговите советници во општината одлучија да не им служат на граѓаните, туку нему лично. И тоа повеќе не треба да се крие. Треба граѓаните на Карпош да го знаат.

Значи соочени сме со опструкција од внатре се со цел општината да нема приходи, да не може да ги обавува своите функции, да биде лош сервис за граѓаните, а однадвор не напаѓаат со тужби и судски пресуди во кои токму моите коалициони партнери дадоа придонес да во прв степен на општината и биде пресудена обврска од 15 милиони евра. Веројатно тие не сфаќаат дека со оваа општина заедно раководиме и заедно ја сносиме одговорноста- ГРОМ, Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Ако општината лошо функционира, не се развива, не ги решава проблемите на граѓаните, секако дека најодговорни ќе бидат трите партии кои раководат со неа – ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ГРОМ.

Токму во раководењето на локалната самоуправа, а особено на општина Карпош, овие коалициони партнери покажуваат колку успешно утре ќе ја водат државата. Ако не не бива да водиме општина, како ќе водиме држава? Не знаеме да се договориме за дислокација на бетонска база, да воведеме зонско паркирање, или да направиме некоја улица, а камо ли да го решиме прашањето со Бугарија, да отпочнеме преговори со ЕУ, да ја решаваме енергетската криза, да ги зголемуваме платите, да отвораме нови работни места за да не се исселуваат младите. Да го реформираме судството, а во исто време да блокираме избор на уставни судии, да го подобриме меѓународниот углед на земјата, а опструираме избор на амбасадори, да се справуваме со корупцијата, а ни се случува аферата „Делчевски ниви“, да сме против деветкатница, ама сме „за“ изградба на 28 катница затоа што „биле тие внатре“, (така велат тие). Ќе се носат урбанистички планови откако ќе сме победеле на избори – тоа значи ќе се лажат граѓаните. Ќе правиме пропаганда дека СДСМ се му дал на ДУИ, а во Градот Скопје, Мицкоски се и даде на Алтернатива со само еден советник и ние за тоа треба да молчиме.

Дали слушнавте или прочитавте некаде демант оти не е точно дека Алијанса со еден советник има 38 членови на управни одбори, а ние останатите долгогодишни коалициони партнери со по еден советник служиме за декор. Се му е малку на Мицкоски. Четириесет и два градоначалника, шеесет јавни претпријатија… Во Градот Скопје го земаа Водовод, Улици и патишта, Градски сообраќај, Дрисла, Градски паркинг, и што ли уште не. За жал, не гледаме подобра и поквалитетна услуга за граѓаните. Одговорот од граѓаните за лошата услуга на кадрите на Мицкоски ќе стигнат на изборите.

Влегувате ли во коалиција можеби со вашата поранешна партија, со цел нормално функционирање на Советот?

-Тоа се измислици немам намера со никого да влегувам во коалиции. Кој е подготвен да работиме за доброто на граѓаните на Карпош е добредојден и јас сум подготвен да сорабутвам со него. Кој не, да сме живи и здрави. Во политиката е важно дали знаеш да работиш во тим. Очигледно овие луѓе не работат во тим и саможивноста како инстинкт им е доминантна.

Како ги коментирате обвинувањата на опозициската партија дека не дозволуваат „понатамошна бетонизација на Карпош на штета на зелениот простор“ и поради тоа прекинала соработката? Велат дека биле за „хумана урбанизација“ и „зелен Карпош“…

-Зарем бетонската база во Злокуќани е зелена површина? Та нели, во изборите велеа дека градењето треба да се префрли на левиот брег на Вардар? Колку што ме држи паметењето, Лепенец е лева притока на Вардар. А инаку тие не се за бетонизација ама се за 28 катница на чело со олеснувачот на Мицкоски, со прекар Икец, и ортачката фирма формирана во март месец за таа намена.

Како се справувате со енергетската криза? Карпош во последниве месеци, се жалат граѓани, е во целосен мрак во вечерните часови, а тоа е причина за страв поради својата безбедност. Ќе се најде ли поинакво решение, со оглед дека нема да дочекаме поевтинување ниту на струјата ниту на другите енергенси?

-Тоа не е точно дека Карпош е во мрак. Осветлувањето функционира по систем „секоја втора светилка“ да биде запалена. И со вакво штедење сметката за улично осветлување е три пати поголема во однос на истата од мај минатата година. Минатата година била околу 1 милион, сега е 3 милиони денари. Ако не штедевме сметката ќе беше минимум 5-6 милиони денари.

Дали има превработеност во Општината, треба ли тука да се бара „спас“ за намалување на трошоците, со оглед дека пред одреден период изјавивте дека има луѓе кои што ништо не работат, кои живеат во странство, а се на платен список…

– Секаде има превработеност во администрацијата во Македонија. Не само во општина Карпош. Тоа е наша болка

Проблемот со паркингот во Карпош е еден од најгорливите, кој се провлекува долги години, а со негово решавање не се зафати ниту вашиот претходник. Дали е подобро воведување зонско паркирање, отколку монтажни гаражи, како што најавивте во вашата програма? Зошто и понатаму се залагате за бесплатно паркирање?

-Секако дека е подобро да се постават монтажни гаражи. Но, во моментот сметката ни е блокирана. Затоа краткорочно решение за спас на граѓаните од Карпош 1, Млечен ресторан и Министерство за економија е воведување зонско паркирање.

Не може деца од други општини да се запишуваат во градинките во Карпош, бевте дециден и предизвикавте бес кај многу родители кои треба да бараат „чаре“ за своите деца. Можеше ли да се најде подобро решение? Од друга страна, дали и во Карпош има доволно капацитети за „карпошани“?

-Подоброто решение треба да си го најде министерстото за труд и социојална политика и градоначалниците на соседните општини. Не може општина Карпош да решава државни и проблеми на соседите, а во исто време да им создава проблеми на своите граѓани. Со откажувањето на гостопримството на децата во градинките од други општини кое стапи на сила од 10 јуни се ослободи доволно место и во системот на детска заштита се опфатени 336 деца од Карпош кои до сега седеа дома, а нивните места ги држеа деца од други општини чии родители не се даночни обврзници на општина Карпош.

Мојата и одлуката на Советот се покажа целосно оправдана затоа што веќе ниту едно дете од Карпош не чека на ред за упис во градинка туку има список само на оние чии родители се изјасниле дека нивните дечиња ќе почнат со предучилишно образование од 1 септември. Јас сум среќен што секое дете кое ќе посака да биде згрижено во градинките во Карпош му се овозможува веднаш услуга. За тоа ме бираа граѓаните, за тоа примам плата од нив, и должен сум да ги штитам нивните интереси.

Успеавте ли да остварите некое од своите ветувања по враќањето на чело на Општината?Што е направено во изминатиов период?

-Сите ветувања ќе бидат остварени. Но прво да ја деблокираме општинската сметка. Не можеш да трчаш ако нозете ти се врзани. На 4 ноември 2021 година сметката беше блокирана со 160 милиони денари, а денес 23 јуни 2022 година, имаме само уште 19 милиони денари да исплатиме и да бидеме слободни. Да функционираме без блокирана сметка. За овие седум и пол месеци успеавме да вратиме вкупен долг од 4 милиони евра.

Но, одиме понатаму, Започнавме со реконструкција на лифтови во високите згради, започнавме со реконструкција на азбестните кровови и од 23 јуни започнавме со субвенционирање на полагање за возачки дозволи за средношколците кои оваа 2022 година наполнија 18 години. Се работи проектот станови за млади брачни парови, во завршна фаза е проектот за паркот покрај Илинденска, се изготвува проектот за кејот на реката Вардар, се реконструира салата Партизан 4, се подготвуваат проекти за нови термички фазади на станбените згради во општината.

Кој е вашиот најголем проект во Карпош, кој кон целите до крајот на мандатот?

-Контејнерите да одат под земја, зошто глетката е ужасна, јас ги ценам високо напорите на новиот директор на комунална хигиена но за жал, граѓаните секојдневно го искажуваат незадоволството од преполнетите контејнери и сметот околу нив. Втор голем проект е да направиме детски градинки во Влае 2, Злокуќани и Средно Нерези.

В.З.

Слични содржини