Овации за „Јовано Јованке“ и „Џипси сонг“ во Филхармонија: „Дестини квартет“ шири љубов без граници


Атрактивни за гледање и слушање беше познатиот балкански квартет „Destiny Quartet“ синоќа во Филхармонија,  препознатлив по својот разновиден репертоар составен од модерни аранжмани на класични дела, филмски партитури и популарни музички хитови. Во едночасовното концертно шоу со оригинално сценарио, кореографија и впечатливи визуелни ефекти, предизвикаа овации меѓу публиката во преполната сала со одлична техника на изведба,  апсолутната женственост и со шармантните обраќања. 

Самостојниот концерт на „Destiny Quartet“ беше насловен како „Љубов без граници“, што всушност ја доловува и филозофијата на квартетот. Ова, во пракса го демонстрираат со голем број соработки во регионот, меѓу кои гостувањето на концерт на Влатко Стефановски и разработката на познатата народна песна „Јовано Јованке“ со дуото Александар и Дац.
Спојувајќи ја музичката разновидност на различни култури, Destiny е квартет на светот. Нивната амбиција и квалитети се веќе видени на различни меѓународни концертни сцени, огромни корпоративни настани низ Европа и приватни забави, а синоќа, се увери и Скопје.
 
 
Атрактивните музичарки, облечени во стилизирани костуми и високи потпетици, (еден момент ги соблекоа салонките и палтата и свиреа меѓу публиката) го поздравија нашиот гитарски виртуоз во публиката откако ја отсвирија „Џипси сонг“, а врв на вечерта  беше кога на крајот од концертот, на бимот се појавија лицата и гласовите на Александар и Дац во кавер верзијата за најубавата народна песна „Јовано, Јованке“.
 

Зошто балкански квартет? Гергана Алексиева (виолина), Венета Гудева (виолина) и Александрина Митева (виола) се од Бугарија, од Софиската филхармонија, а Маја Михајловска (чело) е од Македонија, членка на македонската Филхармонија. (Л.С.)