Серафимовски: Поради нееднакви услови за работа на домашниот пазар, македонски  компании работат како подизведувачи на странски компании

од Vladimir Zorba

Македонските градежни компании алармираат дека со ангажирањето на италијанскиот конзорциум „ИРД Инженеринг“ за надзор врз работата на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој ќе ги гради коридорите 8 и 10 само се продолжува досегашната пракса на истиснување на домашните субјекти.

Како крајно спорен го посочуваат фактот дека и покрај тоа што имаме докажани кадри од сите фази на изградба, меѓу кои и за надзор, и тоа со бројни референци кои се конкурентни  и настапуваат на странскиот пазар, знаењето и искуството не можат да го применат на домашниот пазар.

Проблемот е хроничен, бидејќи долг период наназад не се исти условите за работа на домашниот пазар  за домашните и за странските компании, односно во одредени делови се во прилог на надворешните субјекти

„Податоците за реализацијата на најзначајните капитални проекти во делот на патната и железничката инфраструктура на Коридорите 8 и 10 покажуваат дека околу 96% од средствата за капиталните инвестиции се одлеваат кон странски компании наспроти само 4% кон домашни компании“, изјави за „Локално“, Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора.

Во комората потсетуваат на  законот кој беше усвоен лани, а кој  содржи одредба со која се предвидува обврска „стратешкиот партнер да користи најмалку 51% на локални ресурси“.

„Според нас, законската одредба е многу општа и за најавената градежна офанзива да отвори простор за развој на домашната градена оператива, истата мора да се толкува како обврска за домашните градежни компании да бидат ангажирани во проектирањето и изведбата на патните делници на Коридорите 8 и 10“, вели Серафимовски.

Во однос на прашањето на огромните цени на услугите за странските компании Серафимовски посочува дека цените за проектите кои ги определуваат проектантите честопати не соодветствуваат со тие кои ги определуваат изведувачите, а  притоа мора да се земе предвид дека изведувачите се тие кои ги градат објектите.

Поради тоа, како што вели, проценката за вредноста на проектите би требало да ја работат стручни лица во рамки на инвеститорите.

 Се обелодени договорот со конзорциумот „ИРД Инженеринг” од Италија за надзор врз работата на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој ќе ги гради коридорите 8 и 10 д. Дали одредени македонски компании ги исполнуваа предвидените услови?

-Немаме сознанија за детали околу тендерската документација за надзорот, па поради тоа не би можеле да коментираме околу конкретниот случај. Меѓутоа она што може да кажеме е дека имаме докажани домашни компании од сите фази на изградбата (проектирање, изведба, надзор) со бројни референци кои се конкурентни и настапуваат на странскиот пазар, а за жал во последно време се сѐ помалку присутни на домашниот пазар.

Заложбата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите (за што изминатиот период покренавме и дискусија со надлежните органи) е условите за натпревар и за работа на домашниот пазар да бидат исти и за домашните и за странските компании. За жал, во моментот состојбата е поинаква и како последица на тоа податоците за реализацијата на најзначајните капитални проекти во делот на патната и железничката инфраструктура на Коридорите 8 и 10 покажуваат дека околу 96% од средствата за капиталните инвестиции се одлеваат кон странски компании наспроти само 4% кон домашни компании.

Дали е доволен делот од “колачот’’ кој е резервиран за македонските градежни компании во делот на градбата?

Немаме увид во договорот на надлежните органи со стратешкиот партнер, меѓутоа законот кој беше усвоен претходната година содржи одредба со која се предвидува обврска „стратешкиот партнер да користи најмалку 51% на локални ресурси“. Според нас, законската одредба е многу општа и за најавената градежна офанзива да отвори простор за развој на домашната градена оператива, истата мора да се толкува како обврска за домашните градежни компании да бидат ангажирани во проектирањето и изведбата на патните делници на Коридорите 8 и 10.

Детали од Договорот беа обелоденети и тоа од страна на медиумите. Колку, од друга страна е транспарентна постапката кога домашните компании конкурираат, а потоа и добиваат зделки во рамки на проектите од капитално значење?

-Домашните компании повеќе го покренуваат прашањето за условите, отколку за транспарентноста на постапките кога се во прашање капиталните проекти. Здружението во повеќе наврати има укажано за една ситуација што настанува во пракса, а до која доаѓа поради фактот што постапките финансирани од странски кредитори содржат специфични услови што ги бара кредитобарателот, додека постапките финансирани од домашен буџет содржат услови кои во голем дел произлегуваат од Законот за јавните набавки. Поради тоа, референтни компании се доведуваат во ситуација во однос на првите проекти да работат како подизведувачи на странски компании, а во однос на вторите да се борат со нелојална конкуренција на пазарот која нуди многу ниски цени кои не соодветствуваат со реалните. Затоа, повеќе пати укажуваме дека прописите и примената на прописите од областа на јавните набавки во делот на доделувањето на договорите за работи мора да соодветствуваат со состојбите/условите за работа во градежништвото во државата.

Македонската јавност е особено “сензитивна’ ’кога станува збор за патната инфраструктура. Реакциите се во насока на тоа дека на ова поле заостануваме во однос на регионот, па оттука и прашањето каде грешиме?

Проблемот според нас е системски и системски треба да се пристапи кон негово решавање. Законската регулатива од областа на градењето, администрирањето на капиталните проекти, новите решенија како недела неработен ден, пораст на минимална плата кој не е проследен со пораст на продуктивноста на трудот и други се само дел од прашањата за кои мора да се отвори јавно – приватен дијалог доколку сакаме развој и подобрување на состојбите во делот на патната инфраструктура.

Цените на услугите се исто така предмет на многу отворени прашања. Како, според кои критериуми се определуваат овие суми  и зошто се многу повисоки од оние кои ги добиваат инженерите во нашите градежни компании?

Во пазарното општество секој го проценува својот труд и доставува понуда за својата работа. Многу е тешко да процените и унифицирате цени особено кога станува збор за капиталните проекти на кои се работи подолг период каде цената зависи од повеќе познати и непознати фактори. Ограниченоста на ресурсите дополнително ја зголемува цената. Пазарот на градежни материјали не е стабилен, а неизвесноста како последица на многубројните кризи кои се надоврзаа една на друга е голема за нешто да може долгорочно да се планира и предвиди. Цените за проектите кои ги определуваат проектантите честопати не соодветствуваат со тие кои ги определуваат изведувачите, а мора да се земе предвид дека изведувачите се тие кои ги градат објектите. Поради тоа, проценката за вредноста на проектите би требало да ја работат стручни лица во рамки на инвеститорите.

Последните години сме соочени со ситуација, домашни компании кои работат на капитални проекти финансирани од државата да бидат доведени во многу неповолна состојба поради тоа што не им се признава разликата во цени и покрај енормниот раст на цените на материјалите, услугите и другите трошоци за изведба кој се случи по почетокот на пандемијата. Како појаснување, голем дел од договорите за јавни набавки кои се уште се во тек, а се склучени пред три, четири па и повеќе години, се изведуваат по фиксни цени понудени тогаш, а кои во моментот се далеку пониски од реалните. Покрај многубројните барања и иницијативи на Здружението за разрешување на ова прашање, како и презентирање на компаративни искуства од земјите од регионот, надлежните органи не усвоија конкретни мерки кои ќе овозможат признавање на разликата во цени, поради што целиот товар како резултат на растот на цените го понесоа компаниите. Таквите услови за работа се одразуваат врз профитабилноста на деловните субјекти и не отвораат простор за раст на платите на вработените.

Со години се алармира за недостигот на соодветен кадар во Македонија. Од позиција кога наши работници одеа во странство исклучиво за повисока плата сега се доведовме до тоа да увезуваме работна сила за 200 евра месечно. Според Владата еден од најзагрозените сектори е градежништвото. Каква е сликовито ситуацијата?

Проблемот со недостиг од квалификуван кадар, исто така, и понатаму останува еден од главните проблеми за градежните компании. Голем дел од работниците заминуваат во странство, а мал е и интересот на младите за изучување на градежната струка. Недостасуваат тесари, армирачи, работници за преднапрегање на бетонски конструкции, заварувачи, плочкари, лимари и други профили на занимања. Поради тоа, час поскоро мора да се делува во различни сегменти (регулатива, образование, трудова политика) за да се реши ова прашање. Бизнис заедницата смета дека овој проблем генерално е резултат на пристапот на државата во последните години каде акцентот многу повеќе е ставен на водењето социјална отколку на развојна политика, па оттука и на воведувањето на законски решенија како недела неработен ден, пораст на минимална плата и други решенија кои истовремено не предвидуваат механизми за зголемување на продуктивноста на трудот и не овозможуваат простор за поголема заработка.

Што ќе значи зголемувањето на минималната плата за градежните работници? Колкав е бројот на работници што земаат минимална плата или блиску до неа?

-Платите на работниците зависат од успешноста на компаниите, а успешноста на компаниите од продуктивноста на работниците. Меѓутоа, тие се условени и од деловниот амбиент во државата во која егзистираат, а која мора да создаде клима за работа каде компаниите ќе можат да создаваат поголема додадена вредност, а работниците да имаат поголем животен стандард.

Според нас, растот на платите, како резултат на растот на минималната плата треба да биде проследен со зголемување на продуктивноста на трудот. Кога продуктивноста расте, растат и потенцијалната добивка на компаниите, платите на вработените, и животниот стандард. Еден индикатор за следење на продуктивноста на трудот е економскиот резултат/ БДП по вработен во економијата. Според овој индикатор, пресметан од Светска банка, Северна Македонија во 2021 година продуцирала 44,295 долари по вработен, што имајќи го предвид просекот на Европската Унија (97,837 долари по вработен) значи дека повеќе од двојно заостануваме. Затоа, се додека зголемувањето на платите не е проследено со зголемување на продуктивноста на трудот, истото претставува само товар за компаниите и има инфлаторен ефект, а имајќи ги предвид искуствата од изминатите години очигледно е дека нема некаков позначителен ефект за спречување на одливот на кадар во поразвиените земји.

Има ли начин градежништвото да се врати во посакуваните професии?

-Сметаме дека малку треба за градежништвото да се врати во посакуваните професии, со оглед дека станува збор за стопанска гранка со долга традиција во нашата држава и кадар кој има богато искуство во реализација на домашни и странски проекти.

Сепак, за тоа да се случи, неопходно е решавање на клучните прашања кои претходно ги посочивме (регулатива, администрирање на проекти, услови за работа и други) и нивното решавање мора да започне веднаш со оглед дека состојбата е алармантна (компании згаснуваат, бројот на вработени опаѓа), а мерките кои денес се преземаат во градежништвото имаат одложен ефект, односно ефектот би се почувствувал за одреден временски период од една до две години. Доколку успееме во тоа преку заеднички дијалог со надлежните органи, веруваме дека може да се зачува угледот на градежништвото стекнат низ годините и да се задржат вработените во секторот.

К.В.С.

Слични содржини