Маричиќ-Франгеш: Северна Македонија да ја искористи поволната Преговарачка рамка, македонскиот идентитет да стане дел од ЕУ


Северна Македонија да ја искористи поволната Преговарачка рамка, македонскиот идентитет да стане дел од ЕУ, е заедничкиот заклучок од средбата на првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ со Анжеј Франгеш, специјален пратеник за Западен Балкан во словенечкото МНР и генерален директор на Дирекцијата за европски прашања.


Маричиќ и Франгеш, како што соопшти СЕП, разговарале и за заедничката соработка и поддршката што Словенија е подготвена да ја испорача во процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.


Маричиќ на средбата истакнал дека ова е исклучително значајна поддршка која доаѓа од земја која што во рекордно време ги заврши преговорите и која доаѓа од блиска земја кое го споделува тоа искуство за брз напредок во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија.

На средбата беше истакнато дека Северна Македонија и Словенија ги поврзува длабоко пријателство кое континуирано се негува од воспоставувањето диплматски односи уште од 1992 година.


Успешна билатерална соработка двете земји ја крунисаа со Договорот за развојна соработка од 2004 година, согласно кој двете земји потпишаа Меморандум за соработка и со кој се дефинираат проектите за инфраструктура и техничка соработка кофинансирани од словенечките развојни фондови.

Како резултат на овој договор, минатата година во декември вицепремиерот Маричиќ и министерката за надворешни работи на Словенија Тања Фајон, го потпишаа Меморандумот за билатерална развојна соработка меѓу двете земји кој предвидува повеќе од 2 милиони евра за подобрување на економската и социјалната инфраструктура во повеќе региони во Северна Македонија.


нд/лв/ .

Извор: МИА