Македонија за прв пат доби жена претседател, штипјани на терен со надеж за подобро

По одржаните претседателски избори на 8 мај во државата, за прв пат во историјата со најмногу гласови беше Гордана Силјановска Давкова, со што всушност станува и првата жена претседател. Ќе се променат ли работите на подобро или пак ќе продолжиме да живееме во мракот како и досега , дали надежата повторно тлее во нас или воопшто ја нема? На терен, штипјани за М-нет телевизија искажаа задоволство, со надеж дека промените кои и се потребни на државата конечно ќе се видат на дело. Велат дека само сплотеноста може повторно да ја врати довербата кај народот.

„Пендаровски ништо не бидна, требаше да се залага он за народо ама не се алагаше за народо се залагаше за партијата. За целиот народ не се залагаше, сеа очекувме од Давкова Силјановска Гордана да се залага за народот. Ова беше дно очекувам да расте државата да ни биде подобра“

„Да биде подобро, да ја опрае работата она вие другите за ништо не ги бива. Па ќе има, како нем да има, треба да има.“

„Конечно Македонците се освестија, гласаа како шо треба, правите Македонци шо се. Мислам Гордана е ногу паметна жена, ќе ја воде државата како шо треба. Нормално дека очекуваме промени на подобро значи овие 7 години владејаа зорле не шо ги сака народо него со помош на други сили владејаа цело време уништија државата, сменија знамето, името цените секој ден ни качуваа, пензии мали, плати мали катастрофа. Најлоша влада у историја на Македонија“.

Има и дел од граѓаните кои мислат дека нема да има некои значајни промени и не се надеваат на нешто подобро

„За еманципација на жените добро е а шо ќе напрае у политиката, она и претседатело кај нас у државата мислам на ниво на премиер, не на претседател не би постигнала некој успех.

На 8 мај право на глас имаа 1,8 милиони граѓани на територијата на државата на седмите по ред претседателски избори и 11 по ред парламентарни избори.

Лаура Стојанова М-Нет