Ангелов: Мојата средба со Џафери е излишна, доколку Владата се согласи да ме разреши, ќе ја прифатам нејзината одлука

По најавата на техничкиот премиер Талат Џафери за средба со директорот на ЦУК, Стојачне Ангелов, за кого рече дека ќе го разреши доколку ја почнал постапката за излегување од коалиција со СДСМ, на социјалната мрежа Фејсбук се огласи Ангелов. „Мојата средба со Џафери на оваа тема е излишна“, му порача тој на премиерот.

„Командант од УЧК ќе разрешува генерал на безбедносните сили (насловот е позајмен од веста објавена на порталот на Радио Лидер). Колку тоа некому да не му се допаѓа, вклучително и на мене, непобитен факт е дека поранешниот командант Форина од УЧК денес е легитимен претседател на македонската Влада. Како премиер тој има право да предлага именување и разрешување на функционери кои ги именува Владата. Конечната одлука ја носи Владата со мнозинството министри што само по себе значи дека, за да биде прифатен предлогот на премиерот за мое разрешување, поддршка треба да дадат министрите, вклучително и вицепремиерите од СДСМ. Во спротивно ќе нема мнозинство за мое разрешување“ пишува Ангелов во својата објава на Фејсбук.

Тој додава дека за својата одлука да ја напушти коалицијата со СДСМ, навремено го известил најпрво генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, а потоа и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Двајцата се изразија позитивно за мојата професионалност како директор на ЦУК и сугерираа дека во овој чувствителен период за државата треба да останам на чело на оваа значајна институција без разлика на политичката одлука на Достоинство за напуштање на владината коалиција. Нивниот коректен став го објавив јавно пред неколку дена на прес-конференцијата на која ја известивме јавноста дека излегуваме од коалицијата предводена од СДСМ. Оттука сметам дека мојата средба со премиерот Талат Џафери, со кого од поодамна имам коректна комуникација, барем на оваа тема е излишна бидејќи, повторувам, Достоинство јавно објави дека излегува од коалицијата предводена од СДСМ“посочува Ангелов.

Како директор на ЦУК мој приоритет секогаш била, е и ќе биде, безбедноста на граѓаните поради што максимално посветено и професионално ја извршувам оваа одговорна функција, додава тој.

„Доколку Владата се согласи со предлогот на премиерот Талат Џафери и смета дека треба да бидам разрешен, јас без противење ќе ја прифатам нејзината одлука“дециден е директорот на ЦУК.

Откако завчера Стојанче Ангелов, лидерот на партијата Достоинство и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), најави дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ, техничкиот премиер Талат Џафери вчера најави дека денеска ќе разговара на оваа тема со него и дека ќе биде разрешен доколку се одлучил на таков чекор.

„Ако јавно најавил дека не стои зад владината програма, од формален аспект како премиер ќе започнам одредени постапки во однос на кадровското решение, односно ќе донесам и соодветна одлука. Тоа што го кажал на телевизија не е започнување на постапка, но утре јас директно ќе комуницирам со него. Ако така одлучил, тогаш ќе заврши со разрешување, оти нема друг начин. Бидејќи сме во изборен период, тоа треба да го реши друг орган“,изјави Џафери.

Ако Ангелов ја почнал постапката за излегување од коалиција со СДСМ, ќе биде разрешен од директорското место во ЦУК, вели Џафери

Како што претходно посочи Ангелов, причината за одлуката Достоинство да ја напушти коалицијата со СДСМ е неисполнетите барања и очекувања на неговата партија за обесштетување на десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители од конфликтот во 2001 година.

„Иницијативите на Достоинство поднесени до Владата и Собранието, со кои нудевме решение на овој апсурден проблем, добиваа постојана поддршка од страна на премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ истите не поминаа. Секако дека проблемот со необесштетените воени инвалиди и семејства на загинатите бранители не е единствената причина поради која излегуваме од коалицијата предводена од СДСМ, но поради политичка коректност во овој момент немам намера да навлегувам во понатамошни објаснувања“,информира Ангелов.

Освен за излегување од коалицијата со СДСМ, Ангелов информира дека раководството на Достоинство минатата недела донело и едногласна одлука за прифаќање на можноста за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close