Риши Сунак вети најголем британски пакет за поддршка за Украина

од Симе Стоиков

Британскиот премиер Риши Сунак го вети најголемиот пакет за воена помош на Велика Британија за Украина, предупредувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „нема да застане на полската граница“ доколку Русија победи во војната.

Британскиот премиер денеска ќе ја посети Полска за да разговара за европската безбедност и заканата од Русија со полскиот лидер Доналд Туск и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, пред да отпатува за Германија за да се сретне со канцеларот Олаф Шолц.

Обединетото Кралство планира да го снабди Киев со витална опрема, вклучувајќи 400 возила, 1.600 оружје и четири милиони парчиња муниција, како и дополнителни 500 милиони фунти воено финансирање, со што вкупниот износ ќе достигне 3 милијарди фунти оваа финансиска година.

– Одбраната на Украина од бруталните амбиции на Русија е од витално значење за нашата безбедност и за цела Европа. Ако му се дозволи на Путин да успее во оваа агресивна војна, тој нема да застане на полската граница – рекол Сунак пред патувањето, пренесува Гардијан.

Тој додаде дека овој пакет ќе и го обезбеди на Украина она што и е потребно за борба против Русија.

– Велика Британија секогаш ќе ја игра својата улога на чело на европската безбедност, бранејќи ги нашите национални интереси и стоејќи покрај нашите сојузници во НАТО – рече Сунак.

Британија досега има обезбедено речиси 12 милијарди фунти за поддршка на Украина од февруари 2022 година, од кои 7,1 милијарди фунти се за воена помош, а остатокот за хуманитарна и економска поддршка.

Слични содржини