EPA-EFE/JONO SEARLE

Враќањето на шпанскиот тенисер Рафаел Надал на терените не траеше предолго, бидејќи е елиминиран од турнирот во Барселона уште во второто коло. Тој загуби од Алекс де Минор со 7:5, 6:1, на турнир на кој дури 12 пати го крена трофејот, а по мечот потврди дека ова ќе му биде последно учество тука, бидејќи доаѓаат пензионерските денови.

Тој имаше емотивен говор на прес-конференцијата по натпреварот.

  • Речиси сум сигурен дека повеќе нема да се натпреварувам на овој турнир. Посакувам да бев подобар, поконкурентен, да можев да одиграм уште еден натпревар… Имав доволно среќа да испишам историја во минатото, сега останува на другите да се обидат да ме достигнат, сè има свој почеток и крај, тука нема некои големи драми, истакна Надал.

Тој не е сигурен дали ќе игра на Мастерсот во Мадрид, но ќе се обиде да биде дел од него.

  • Ќе играм во Мадрид ако се чувствувам добро. Сега треба да се посветам на тренинзите и да работам една недела. Во текот на натпреварот се чувствував добро. Уживав на теренот. Во моментов не сум во ситуација да играм два-три часа на највисоко ниво, бидејќи долго време не играв. Затоа правев некои грешки, особено со форхендот, додаде „Кралот на земјата“.

Тој е пријавен за Ролан Гарос и таму ќе игра со заштитен пласман. Тој ќе биде деветти носител и ветува таму „ќе го остави срцето на терен“.

  • Заминувам со мислата дека направив чекор напред. Ова не беше мој ден. Ако телото добро реагира на тренинзите, верувам дека би можел да направам уште еден чекор напред во Мадрид, а потоа да бидам уште подобар во Рим. Ако има турнир за кој вреди да се даде сè и да се умре, тогаш тоа е во Париз, заклучи Надал.