Изведба на ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Боеми“ на 16 март во Националната опера и балет

На 16 март на сцената на Националната опера и балет (НОБ) ќе се изведе ремек-делото „Боеми“ од Џакомо Пучини. Изведбата ќе започне во 20 часот.

Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими, како што велат од НОБ, ќе се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска, во режија на Дејан Прошев, претставата е доловена преку масивната сценографија на Зоран Николовски и колоритната костимографија на Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.

„’Боеми’ од Џакомо Пучини e опера во четири чина, дејството се одвива во Париз, либрето се базира на „Сцени од животот на боемите”од Хенри Мургер. Публиката за миг ќе биде пренесена во париските поткровја каде неколку млади уметници и покрај сиромаштија и борејќи се за основните потреби на секојдневието (храна, огрев) живеат крепејќи се од идеалите и љубовта, без скршена пара во џебот претендираат да живеат боемски“, објаснуваат од НОБ.

Операта ќе ја изведе домашната солистичка екипа Ѓорѓи Цуцковски, Благица Поп Томова, Марјан Јованоски, Драган Ампов, Александар Стефаноски, Биљана Јосифов, Невен Силјановски, Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Тихомир Јакимовски, Диме Петров, во придружба на хорот и оркестарот на Национална опера и балет.