Русија ја предупреди Британија дека може да го цели нејзиното оружје насекаде

Русија во понеделникот ја предупреди Велика Британија дека ќе одговори на употребата на британско оружје во Украина со напади и на други места доколку Киев го употреби против нејзина територија како што изјави минатата седмица шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон.

Британскиот амбасадор Најџел Кејси беше повикан во руското Министерство за надворешни работи каде му е врачена официјална протестна нота откако британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон изјави дека Украина има право да користи британско оружје за напади на руска територија.

„Кејси беше предупреден дека како одговор на украинските напади на руска територија со британско оружје, сите британски воени инсталации и опрема на територијата на Украина и пошироко (во странство) може да станат цели“, се истакнува во соопштението на Москва.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека изјавата на Камерон значи дека Британија практично признала дека е учесник во војната во Украина. Исто така, се истакнува дека тоа е во противречност со наводните уверувања на Лондон дека крстосувачките ракети со долг дострел кои му се испорачани на Киев нема да бидат користени за напади длабоко на руската територија.

Руската дипломатија истакнува и дека на Кејси му било посочено дека изјавите на Камерон укажуваат на сериозна ескалација и се доказ за зголемното учество на Лондон во воените операции на Украина.

„На амбасадорот му е посочено да размисли за неизбежните катастрофални последици од ваквите непријателски потези на Лондон и веднаш и на решителен и недвосмислен начин да ги отфрли воинствените и провокативни изјави на министерот за надворешни работи“, пишува Министерството за надворешни работи.

За време на минатонеделната посета на Киев, Камерон рече дека Украина има право да користи оружје што ѝ го испраќа Велика Британија за да нападне цели во Русија и дека Украина треба да одлучи дали ќе го стори тоа.

По почетокот на руската инвазија во Украина, британската армија која од 2014 година е активно вклучена во опремувањето и увежбувањето на украинската армија, го засили снабдувањето со оружје и друга воена помош. Како што неодамна пишуваше весникот The Washington Post, Лондон му помогнал на Киев да подготви планови за минатогодишната противофанзива, која сепак заврши со целосен неуспех.

Покрај тоа, според магазинот The Times, началникот на одбранбениот штаб на британските вооружени сили, адмирал Тони Радакин, тајно им помага на вооружените сили на Украина со воени планови, а особено тој му помагал на Киев во развивањето стратегија за напади на бродови на Црноморската флота на руската морнарица.