Голем гест: Кер дојде во Белград да се прости од Милојевиќ

Стив Кер, еден од најдобрите НБА тренери на сите времиња, ги предводеше Голден Стејт  вориорс до победа над Феникс санс (113:112) во неделата навечер, по што се качи на авион и мина повеќе од 10.000 км за да присуствува на погребот на неговиот помошник и пријател, Дејан Милојевиќ во Белград.

Играчките и тренерските способности на Кер се надалеку познати, а сега потсети и дека е голем човек. Можеше да испрати букет цвеќе за што малкумина ќе му забележаа со оглед дека секој натпревар е од важност за Вориорс во борбата за плеј-офот.

Но тој решил да го прелета Атлантскиот Океан за да се збогува со својот колега за последен пат, како што заслужува.

Комеморацијата за Милојевиќ се одржа во саботата во градското собрание на Белград, каде што „кремот“ на српската кошарка се собра за да му оддаде последна почит. Се’ се случувало со многу солзи и емоции, исто како и на белградските гробишта утредента, пишуваат српските медиуми.

Милојевиќ почина на 17 јануари во Солт Лејк Сити, по срцевиот удар. Најголем белег во играчката кариера тој остави во Партизан, клубот во кој ја заврши кариерата пред да стане тренер.

Од 2012 до 2020 година ја водеше Мега и имаше кратка епизода во Будуќност пред да замине „преку барата“. Во 2021 година стана помошник на Кер во Вориорс, со кого една година подоцна ја освои и НБА титулата.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО