Четири младински активистички иницијативи на #EngageYouth 2023

Во организација на Младинскио образовен форум (МОФ) и Радио МОФ, во петок, на 31 март, ќе се одржи првиот #EngageYouth – конференција за младински активизам.

Четири млади активисти ќе споделат знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, родова еднаквост, активизам и култура во нивните локални заедници, во дворот на МОФ, со почеток во 13 часот попладне.

„Со 4 говорници ENGAGE Youth ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за млади, групи и организации чија цел е да го подобрат општеството“, велат организаторите.

Андреј Медиќ Лазаревски од платформата за култура, „Култура Бета“,  ќе зборува на темата „Имаат ли младите потреба од независна култура?“

Сара Ферро од „Македокс“, ќе зборува на тема „Докуникулци – школа за документарен филм за млади: интересот за филм пушта корени кај младите“.

„МакеДокс Докуникулци започна во 2017 година како едногодишна школа за документарен филм која едуцира 12-16 млади годишно за секој аспект од правењето на документарен филм. Годишно младите членови продуцираат 3 до 5 кратки филмови. Школата започнува на Патувачкото кино на МакеДокс, па продолжува на фестивалот МакеДокс и завршува со продукција и дистрибуција на филмовите“, велат од „МакеДокс“.

Леа Манева од Арт Хаус Карев ќе зборува на тема: „Самоиницијативно здружување на средношколци за повеќе култура во формално образование“.

„AHK е платформа која организира културно-уметнички настани и е место каде преку меѓусебно почитување, рамноправност и порив за пренесување на порака, можеме да бидеме вистински љубопитни и свои, а тој порив да има краен резултат – спремни бендови, режисери, уметници, но најважно спремни луѓе. Пред сѐ луѓе во вистинска смисла на зборот. Но, AHK не е само одговор на потреба за изразување, тој е и потреба – од организираност, сигурност, слобода, постоење на морални критериуми, потреба која ги надополнува недостатоците на образовниот систем воопшто“, вели Манева.

Сара Миленковска од иницијативата #СподелиАвторка ќе зборува на тема„Достапноста на феминистичката литература и женското творештво“.

„#СподелиАвторкаима за цел да ја афирмира феминистичката литература и да понуди платформа на жените писателки да се доближат до младите во руралните средини и помалите градови во С. Македонија. Иницијативата е многу повеќе од поддржување на женското писмо и достапноста до феминистичката теорија во локалните библиотеки. Идејата е креирањето на солидарни мрежи, запознавање на младите со локалните библиотеки низ Македонија и прикажување дека постои начин на кој заеднички може да ги адресираме нееднаквостите“, вели таа.